БЈБ, УЈП и Царина добија нови директори

Елена Петрова е новиот директор на Управата за јавни приходи (УЈП). Петрова беше дополнителен заменик-министер за финансии во последната техничка влада. Таа е дипломиран економист со над 25 години искуство во Управата за јавни приходи, каде што работела на различни раководни позиции, вклучувајќи управник на Дирекцијата за големи даночни обврзници. Има активно учество во неколку управни одбори и поседува многубројни лиценци и сертификати, вклучувајќи обуки и соработки со Светска банка, ММФ и други меѓународни организации.

Бобан Николовски е именуван за директор на Царинската управа. Николовски доаѓа од позицијата пратеник во македонското Собрание и има 15 години работно искуство во Царинската управа, вклучувајќи и работа како директор на ЈП „Куманово план“. Тој има магистратура по бизнис и поседува десетици обуки и лиценци за царинско работење.

Александар Јанев е назначен за директор на Бирото за јавна безбедност (БЈБ). Јанев има 27-годишна полициска кариера која започнала како кадет на Средното полициско училиште „Елисије Поповски Марко“. Образованието го продолжил на Правниот факултет „Јустинијан Први“ и на Факултетот за менаџмент на човечки ресурси. Јанев работел на различни позиции во Министерството за внатрешни работи, вклучувајќи инспектор, раководител на единица и сектор и аналитичар за потребите на министерството. Тој е унапреден во главен инспектор во секторот за обезбедување и заштита на личности и објекти и раководел со четири сектори со 300-350 вработени во областа на организираниот криминал, корупцијата, транснационалниот криминал, тероризмот и насилниот екстремизам, информираат од Владата.

За државен секретар во Министерството за внатрешни работи е именуван Сашо Петрушевски. Тој е доскорашен директор на Јавно претпријатие во Општина Куманово. Тој е добитник на Ноемвриска награда на Град Куманово, како и добитник на награда за најдобро работење на ЈП „Куманово паркинг” – Куманово од Агенцијата „Комапни вол Македонија“ за најдобар бонитет А. Поседува повеќе сертификати и обуки за менаџирање со човечки ресурси и комуникациски техники.

Back to top button
Close