Бајден на 1 мај во Вашингтон ќе се сретне со претседателот на Филипините

 Американскиот претседател Џо Бајден на 1 мај во Вашингтон ќе се сретне со филипинскиот претседател Фердинанд Маркос Јуниор, соопшти Белата куќа.

Состанокот беше најавен во време кога двете земји прават напори да го зајакнат меѓусебното сојузништво поради зголеменото влијание на Кина во азиско-пацифичкиот регион.

Двајцата лидери „ќе разговараат за иницијативите за зајакнување на долгогодишниот сојуз меѓу САД и Филипините“, се вели во соопштението на Белата куќа.

На 11 април армиите на САД и Филипините ги одржаа своите најголеми поморски вежби во Јужното Кинеско Море. На почетокот на февруари, владите на двете земји објавија договор според кој, на американските војници им се гарантира пристап до уште четири филипински бази, вклучувајќи ја и поморската база лоцирана недалеку од Тајван.

Со средбата со Фердинанд Маркос Јуниор, претседателот Бајден сака „уште еднаш да ја покаже одлучната поддршка на САД за одбраната на Филипините“, соопшти Белата куќа.

Се очекува на средбата на двајцата лидери да бидат разгледани повеќе прашања поврзани со економската соработка, енергетската транзиција, климатските промени и човековите права.

Back to top button
Close