Бајден повика на прекин на конфликтот во Судан, се закани дека ќе воведе санкции

Насилството во Судан е трагедија и треба да прекине, изјави денеска американскиот претседател Џо Бајден.

Бајден соопшти дека потпишал извршна наредба за зајакнување на овластувањата на американската Влада за воведување санкции против „поединци кои го загрозуваат мирот, безбедноста и стабилноста на Судан, ја поткопуваат демократската транзиција, користат насилство врз цивили и вршат сериозни прекршувања на човековите права“.

Американскиот лидер уште еднаш повика на „траен прекин на огнот“ меѓу армијата и паравоените сили за брза поддршка (РСФ).

Директорката на Националното разузнавање на САД, Аврил Хејнс предупреди денеска за време на сослушувањето во Сенатот дека може да се очекува „континуиран“ конфликт, бидејќи „двете страни веруваат дека можат да победат и немаат многу причини да седнат на маса за преговори“.

Хејнс, исто така, рече дека двете завојувани страни бараат „надворешна поддршка“, а ако таква биде укажана, „тоа по секоја веројатност ќе го разгори конфликтот и ќе создаде поголем потенцијал за негово ширење низ целиот регион“.

Како и другите меѓународни претставници, таа предупреди дека борбите би можеле да доведат до „огромни миграциски текови и потреба од помош во регионот“.

Од 15 април во Судан трае конфликтот меѓу суданската армија, предводена од генералот Абдел Фатах Бурхан и Силите за брза поддршка на генералот Мохамед Хамдан Дагало.

Back to top button
Close