Бајден приватно ќе отпатува во Рим на погребот на папата Франциск
Поранешниот американски претседател Џо Бајден, вториот католички претседател во историјата на земјата по Џон Фицџералд Кенеди, ќе присуствува на погребот на папата Франциск во сабота.
Сепак, Бајден нема да биде член на официјалната американска делегација, која ќе ја предводи Доналд Трамп. Патувањето ќе биде приватно, со цел да се испочитува личната врска што ја имаше со Франциск повеќе од десет години.
Поранешниот американски претседател планираше да отпатува во Рим во јануари за да се сретне со понтифот, но беше принуден да го откаже патувањето поради разорните пожари што ја зафатија Калифорнија.
Фон дер Лајен очекува средба со Трамп во Рим
Европската Унија не исклучува средба меѓу Трамп и Фон дер Лајен во сабота во Рим, по повод погребот на папата Франциск.
Ја проценуваме можноста за средба“, дури и ако „засега нема ништо потврдено“, рече Пола Пињо, портпаролка на претседателката на Европската комисија, на прашањето од новинарите за можна средба во Рим меѓу претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и американскиот претседател Доналд Трамп.
„Главната цел на патувањето на Фон дер Лајен во Рим е навистина погребот на папата Франциск. Ако се појават други можности, на маргините на погребот, тогаш тие, се разбира, ќе бидат корисни.“
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека „би сакал да ги види сите лидери кои доаѓаат во главниот град на Италија“. Утрово, сепак, Белата куќа го објави неговиот официјален распоред, во кој не се споменува никаква официјална, билатерална средба.