Балканот е пред големо отворање и соочување со вистината: На “шумкарите” им одзвона, Тендербег повеќе не ќе може да се продава како Скендербег!?

Изборите во САД покажаа колку може во порите на американското општество, да навлезе канцерот на едно авторитативно владеење, во една земја, пионир на демократијата. Бајден победи, но уште долго време ќе останат последиците од едно накарадно своеглаво владење, кое го подели американското општество, до граници за какви не сме верувале дека можат толку да се растегнат.
По улиците на Вашингтон, Њујорк, Филаделфија и другите мегаполиси, гледаме сцени типични за нашиот валкан Балкан! И додека овде, по Балканите, говориме и се стремиме кон демократизација и американизација, таму, преку големата бара, балканизација од најцрн вид.
Трамп, “со арно, или со сила”, ќе го напушти тркалезниот кабинет. Таму ќе се всели новиот светски поглавар, нивиот Unkle Sam (ЏО). Албанците, овде, на нашите простори, ќе здивнат, Србите малку ќе подразмислат! Типуваа погрешно! Македонците и така се рамнодушни, на се!
Но, тоа ништо не менува. Со стариот, или со новиот Вујко Сем, Балканите ќе се менуваат. Најнапред, одвнатре. Рибата смрди од главата, овој пат, и, ќе се чисти од кај главата. Нема повеќе недопирливи. Земјите на Балканот, или ќе се ослободат од заробеноста од своите политичари, или ќе се откажат од својата иднина. Вака повеќе не може. Доста беше. Тендербег не може повеќе да се продава, завиткан во целофан, како Скендербег!
Пандемијата со Корона кризата, само ги извади проблемите уште повеќе на површина. Ако сиромашните не можат да дојдат до лекови, не ќе можат да ги употребат и богатите. Социјалното раслојување го допре дното, сега мора да се врати назад, да отскокне. Дали тоа ќе биде во поединечни реактивни одмазди, какви што веќе гледаме по болниците и Ковод-центрите, или, во поширок класно-социјален отпор, ќе зависи само од нас.
Состојбата – да се живее во страв и немаштија, не може да трае долго. Или ќе ја прифатиме заедничката европска иднина, и ние – надвор и оние – внатре во европското семејство, или ќе ни кажат да “седиме каде што сме, затоа што и за тука не сме!”(“Седи ѓе си, и за ѓе си-ниси!”)
Бугарите повеќе не можат да живеат со мистификацијата за Македонија како “најромантичен дел од нивната историја!”. Тие треба да сватат, дека, кај секој просечен Македонец, нема ниту “О” од омраза кон нив. Но, исто така, треба да разберат, дека Македонецот, како последна опција, би ја прифатил таа, да биде Бугарин. Тоа со пасошите, нема врска ниту со вера, ниту со нација. Зошто е тоа така, нашите драги комшии – Бугарите, треба да си ги прашаат своите државни глави.
Гоце Делчев (заедно со него и сите ние Македонците – овде и во расејувањето) никогаш нема да бидеме Бугари по корен, и колку да ги има залутаните и стратешки промашените политици во европското семејство. Тие спроведоа етнички инжињеринг, им успеа од Хасан да направат Асен, но “минаха тази времена!”. Зошто ние Македонците, од оваа страна на границата, сега, во обединета Европа, би се посипувале со пепел, само за да немаат проблем Бугарите кај нив, со нивните Македонци. Ајде, дури и да се замолчиме ние, Брисел и Стразбур се тие кои и натаму ќе ги “натискаат”.
Албанците треба да сватат дека заврши времето на романтизмот и мистификацијата на победите на ОВК на Косово, или ОНА во Македонија. Ниту таму ќе победеше ОВК без НАТО, ниту овде ќе престаневме да се истребуваме без НАТО и САД. И овде и на Косово, нема повеќе лично богатење во името на албанската кауза.
Партиската војска на СДСМ се исчудува, како тоа комшијата Зијадин Села, сега, се сојузува со ВМРО ДПМНЕ, односно со истите кои сакаа да го убијат во Собранието? Е, како, де? Исто како што, ние од СДСМ, направивме влада guns and roses во 2002 година! Од чиста политичка прагма. Прашањето е само, колку прагмата се исползува за национален, а колку за личен интерес. И последните Албанци, исто како и Македонците, конечно, разбраа дека е во прашање ова второто.
Балканот е пред тежок политички процес. Воените злосторства не застаруваат. Специјалните судови се формираат да ја истераат работата докрај. Балканот влегува во доменот на правото, ќе се суди за се, каква-таква сатисфакција, мора да добијат и Македонците и Србите и Албанците. И За љубов и за кавга, се потребни двајца.
Албанците на Косово, а и нашите тука, треба да сватат дека никој не го води Хашим Тачи пред специјален суд во Хаг, затоа што е Албанец, туку затоа што има докази дека се убивани невини Срби, Албанци, Роми и други од војска под негова команда. Не и се суди на ОВК, туку се суди за сторени злосторства против човештвото.
Исто и Србите не се казнети, само затоа што се Срби, туку затоа што се убивани невини, цивилни лица (Дреничко, кај Ѓаковица, Пеќ…), чии посмртни остатоци сеуште се кријат кај Батајница и на други места. Истото, треба да го разберат и српските генерали, како што тоа ние го разбравме кога во Хаг беа брат Љубе и Тарчуловски.
Во Европа нема место за шумкарите. За лугето од шумите.
На Косово ќе дојдат нови политичари. Досегашните беа воени профитери. Таквите ќе мора да заминат и од македонската политика и естаблишмент. Созрева нардот, созрева јавноста, бара владеење на правото и не се мири со неправди, и мегуетнички, но и внатре-етнички. Ниту албанската кауза ќе ја градат командантите од Генералштабот на ОВК, ниту српската ќе ја изградат оние кои сеуште живеат во шинелот, и со наративот на Слободан Милошевиќ.
Србите, во Србија и српскиот ентитет во Босна-Република Српска, треба да го напуштат сонот за нов Дејтон, за поместување на граници, џабе трошат пари за риски тенкови и авиони. На Балканот нема нови војувања, регионот мора да излезе од своето стратешко промашување, а ќе излезе само со регионално поврзување, сеедно дали тоа ќе се вика Мини-Шенген, или, некако поинаку. Не случајно таа идеја ја туркаат Вучиќ и Еди Рама и нашиот Заев со нив. Тоа е добра идеја, треба да се поддржи, тука нема ништо скриено.
Европа и САД конечно препознаа какви политичари владеат на Балканот, тоа е добро за регионот. Сега, политичарите, кај нас и пошироко, треба да разберат дека гарант на стабилноста и напредокот, не се повеќе тие, туку ние – народот. Тоа што Мицкоски, не оди на избори во Штип, не е заради нас и нашата, туку за НЕГОВАТА заштита. Тоа што семејството Заеви, ќе одвои пари за едно амбулантно возило, првенствено е за нивна заштита и колку да ви звучи неправедно.
Заев Зоран е на позиција, од која се бараат стратешки решенија за сите, а не возило! Тоа е работа на државата, тој има доволно државни средства, наши пари. Не треба да купува амбулантно возило, туку, кога ќе купува нови, да намали десетина возила помалку во државната администрација. Тоа повеќе ќе му го паметиме.
Веле Митаноски






