Балтичките земји се одвојуваат од рускиот систем и се подготвени за поврзување со електричната мрежа на ЕУ


Балтичките земји денеска соопштија дека се добро подготвени да ја поврзат својата електрична мрежа со Западна Европа и да се одвојат од рускиот систем, потег што се планира да се случи за две недели.

– Ние сме подготвени на сите нивоа да ја завршиме синхронизацијата, рече летонскиот министер за клима и енергија, Каспарс Мелнис, по денешниот состанок во Рига со неговиот литвански колега Зигимантас Ваициунас и Јоко Алендер од Естонија. „Се оди според планот“, додаде тој.

Естонија, Летонија и Литванија планираат на 8 февруари да се исклучат од електричната мрежа со Русија и Белорусија, на кои им припаѓаат од историски причини уште од советско време.

Трите земји од ЕУ и НАТО се надеваат дека овој потег ќе ја зајакне нивната енергетска безбедност.

Ваициунас зборуваше за „историски проект“ чија цел е да се осигура дека енергијата не може да се користи како оружје против државите на Балтичкото Море.

Алендер исто така нагласи дека синхронизацијата со Европа е со цел да го направи балтичкиот енергетски систем независен од руската контрола.

Синхронизацијата значи дека фреквенциите на ротација на генераторите во балтичките и континенталните европски електроенергетски системи ќе бидат усогласени.

– Сакаме струја да тече само меѓу партнери на кои целосно може да им се верува, рече таа.

Сите тројца министри рекоа дека мерките за безбедност на електричните мрежи и другата критична енергетска инфраструктура се зајакнати во пресрет на синхронизацијата.

Во последниве месеци во балтичките земји беше зголемена внимателноста по серијата инциденти во кои беа оштетени цевки и кабли во Балтичкото Море.

Министрите за енергетика рекоа дека промената на мрежата треба да помине незабележано од потрошувачите на електрична енергија и не очекуваат тоа да има некое значително влијание врз цената на електричната енергија.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close