Банална Бугарија

Стварно станува банално веќе да се зборува за Бугарија. Исто како што на премиерот Зоран Заев веќе му е банално да одговара на прашања за модуларните болници, односно, како што дообјаснија од неговиот кабинет, да одговара дали има некој што би го наследил во партијата. Не знам зошто Заев повторно ја отвори бугарската тема со предлогот за бришење на зборот „бугарски“ од спомениците од времето на фашистичката окупација за време на Втората светска војна.

Освен ако не сакаше со ова банализирање на нашата антифашистичка борба да го оттргне вниманието од „баналното“ прашање за политичка одговорност во случајот со трагичниот пожар во тетовскиот ковид центар. Дали Заев навистина не прави разлика меѓу бугарска фашистичка окупаторска власт и бугарски народ кога инсистира дека не биле сите Бугари фашисти.

Не било убаво да даваме етнички карактер на фашизмот, оти и кај нас имало соработници на окупаторот. Да де.

Ама нашите фашисти биле поединци, а бугарските фашисти биле организирана држава. Не сум ни мислел дека сите Бугари биле фашисти. И не дошле сите Бугари да ја окупираат Македонија во 1941. Ама ние не ја судиме етничноста. Ја судиме тогашната држава Бугарија. Таа држава имала цар што се сликал со Хитлер, имала премиер што бил симпатизер на нацистите и влада што била фашистичка, имала војска што ја окупирала Македонија и имала администрација што тука вовела фашистички режим. Таа војска и таа администрација тука правела зулуми. И тие зулуми се опеани во песни, запишани во литературата и овековечени по споменици.

И сега Заев со владина уредба ќе ги менува учебниците по историја. Ќе шета ли по гробишта и ќе ги брише натписите? Тоа ли е работа на премиерот? Со кого воопшто го прави тој муабет сега, кога Бугарите немаат политичка Влада, а и претседател ќе бираат во ноември? Што ќар има Македонија од овие изјави на Заев? Ние ли ќе им наоѓаме оправдување на Бугарите зошто доаѓале тука да нè убиваат? Дека не можат да се помират со нивната улога во Втората светска војна, па сега ние треба да ги решаваме нивните патолошки проблеми, само за да почнеме преговори со ЕУ.

Колумната на Горан Михајловски во целост прочитајте ја тука

Back to top button
Close