Беккелагетс

Почитувани читатели, денешната колумна е за потсетување на шампионскиот пат кој го мина клубот Кометал-Ѓорче Петров во клучната 2002 година.

Беккелагетс е мало градче во Норвешка со голем култ кон ракометот, особено женскиот ракомет.

Не е случајно, туку е вообичаено земјите од Скандинавскиот полуостров како Данска , Шведска и Норвешка да се носители на најквалитетниот женски , тимски и национален ракомет.

Во 2002 година жрепката се погоди Кометал –Ѓорче Петров да го вкрсти елиминацискиот циклус со екипата од Беккелагетс, Норвешка. Фаворит меѓу двете екипи не постоеше. Од страна на Норвешкиот шампион имаа играчи од највисока светска класа во женски ракомет, меѓу кои се истакнуваше голманот Легангер. За квалитетот на Кометал-Ѓорче Петров не сакам да зборувам колку беше силен! Мечот кој се одигра во Беккелагетс ја отпеа втората „лебедова песна” на патот на Кометал-Ѓорче Петров кон неговата шампионска титула.

Мечот отпочна со мала нервоза кај домаќините. Моите девојки, како никогаш претходно, беа смирени и убедени дека ќе победат.

Победата ми ја навести мојата мила Лариса Кисељова, прво со зборови, а потоа со дела на паркетот. Полувремето го завршивме со предност на Ѓорче од 7 голови разлика, а мечот заврши со повеќе од десетина голови разлика за Кометал-Ѓорче Петров.

Голманката Легангер, која важеше за најдобар светски голман, не велам дека беше понижена, но делуваше очајно кога ја нападнаа нашите крила и бекови.

Убеден сум дека оваа врвна голманка во женски ракомет до крај на нејзиниот живот ќе го памети името и презимето на Лариса Кисељова, која со еден збор и професионално ја избалансира, што би рекле по скопски ја „збудале”. Домашната публика на крајот од мечот громогласно нѐ поздрави со спортски желби да завршиме како шампиони на Европа.

Убеден сум дека овие желби беа навистина искрени, бидејќи спортот во тие земји има голема величина на респект, особено ако владееш со знаење од таа сфера на дело, конкретно на терен. Кометал-Ѓорче Петров функционираше како најквалитетна машина за мелење противници. Да биде појасно, скандинавските земји се вистинската колевака на ракометот и комплиментот добиен од нивна страна не е куртоазија, туку почит.

Вообичаено, патувањето до ова мало градче беше со авионски превоз. Патувавме заедно со нашите верни „Комити” во истиот авион.

На самиот натпревар се запознавме со многу нашинци, на привремена работа во Норвешка и верувајте ми радоста од победата на овие наши иселеници беше уште посилна бидејќи се чувствуваа многу горди кога гледаа како екипа од нивната матична земја држи лекции на „професорите” по ракомет. Умееа да кажат „леле утре кога ќе одам на работа во очите на Норвежаните ќе пораснам како човек, бидејќи нема жител во Норвешка кој не е фамилијарно поврзан со ракометот”.

Две работи ми оставија посебен впечаток при оваа посета во Норвешка.

2 / 2

Целото мало место живееше заедно со својот ракометен женски клуб. Наједноставно кажано, ракометот во ова мало гратче беше најсилниот настан кој се случува во норвешкото секојдневие. Сите живееја за ракометот бодрејќи го својот ракометен тим.

Ме импресионира начинот како функционираат клубовите во скандинавските земји. Вообичаено сите ракометни женски клубови со кои сме се натпреварувале во скандинавските земји, а тоа се Ларвик, Трондхејм, Шлагелзе и други, функционираат по систем општествена одговорност на правните субјекти.

Сите од погоре наведените клубови имаа меѓу 500-1000 спонзори, што во основа го отсликува системот на функционирање, како во малите урбани средини, така и во целата држава.

Токму овој чин на општествена одговорност е базичниот постулат на кој почива економскиот, општествен и културолошки развој на скандинавските земји.

Во моментот кога ја осознав оваа улога, на општествена одговорност на правните лица во системот, лично ме допре.

Имено, јас бев единствениот финансиер на Кометал-Ѓорче Петров и секако дека овој спортски клуб ќе функционира сѐ додека сум и самиот на функција.

Поучен од скандинавското искуство на многу силни правни субјекти во Македонија, им понудив да влезат во клубот со симболични средства кои во основа требаше да гарантираат долг век на овој женски ракометен клуб.

За жал моите македонски колеги, од сите сфери каде што делуваат, не го разбраа мојот порив и ниту еден од нив не се појави со желба да му овозможиме живот на клубот. Неспорен беше фактот дека после освоената титула еуфоријата се сведе на сликање со девојките, покани на коктели и доделување награди. Тука завршуваше нивниот општествен интерес.

Почитувани читатели, на овој натпревар уште на самото полувреме се чувствував најгорд на свет!

Гордоста избиваше не само поради исклучително професионалниот туку и од моите пориви да докажам дека како поединец спонзор, сум направил подобар ракометен клуб од оние кои имаа многу повеќе спонзорства.

Кога заврши натреварот се чувствував како „скоројевиќ” па ме фати срам.

Почитувани читатели, животното искуство во мене се темели на здрави основи и секогаш сум спремен да учам, да ги применувам во моето секојдневие нештата кои треба целосно да го обликуваат нашето заедничко живеење. Личното никогаш не ми било пред колективното.

Ако со патувањето во Волгоград, патриотизмот беше најсилниот атрибут кој после посетата уште повеќе се вкорени во мене, тогаш од моето патување во Беккелагетс научив и се трудам да го имплементирам моделот на општествена одговорност во нашето секојдневие. За мене е поразително што Беккелагетс и натаму е еден од врвните клубови во Европа и светот, а Кометал-Ѓорче Петров веќе е избришан од сцената на спортски клубови.

Од посетата на Беккелагетс треба да учиме. Натпреварот заврши, славевме убедлива победа, но воспоставениот систем на функционирање во Беккелагетс и Кометал-Ѓорче Петров ги покажа своите слабости. Беккелагетс денес постои, а Кометал-Ѓорче Петров отиде во историјата.

Трифун Костовски

 

Back to top button
Close