Берлин инвестира 300 милиони евра во дронови за Украина
Германија започна со масовно производство на повеќе од 5.000 борбени дронови со голем дострел за Украина, објави германскиот весник „Ханделсблат“.

Производството започна во пошироката област на Минхен, а првите дронови веќе се изработени.
Според германската влада, проектот е предвидено да биде завршен до средината на 2027 година, со проценета вкупна вредност од околу 300 милиони евра. Дроновите ги произведуваат германско-американската компанија „Аутерион“ и нејзиниот украински партнер „Ерлогикс“. Програмата вклучува два вида борбени дронови – едниот со среден дострел и другиот со голем дострел, кои треба да бидат способни да погодат цели на оддалеченост до 1.500 километри.
Станува збор за таканаречени камикази дронови, опремени со експлозиви и наменети за еднократна употреба. „Аутерион“ го обезбедува софтверот и оперативниот систем, додека украинска компанија е одговорна за производство на хардверот. Се наведува дека вештачката интелигенција ќе му овозможи на леталото да ги надмине електронските пречки и попрецизно да ги погоди наведените цели.
Покрај фабриката во јужна Баварија, планирано е отворање на уште едно производствено место во источна Германија.
Тоа не е првата германска програма за масовно производство на беспилотни летала за потребите на Киев. Во јули беше објавено дека компанијата Хелсинг произведува дронови за украинската армија во таен погон на југот од земјата, додека Берлин финансира и купување на 50.000 дронови „Шрик“, во вредност од околу 90 милиони евра






