Битиќи- Колеги од ВМРО ДПМНЕ за задолжувањето од 260 милиони евра да расправаме со бројки и економска логика

Почитувани колеги и колешки од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, ако расправаме за задолжувањето од 260 милиони евра, тогаш да расправаме со бројки, со документи и со економска логика, а не со обвинувања дека опозицијата немала аргументи.
Првиот аргумент е дека ова задолжување е симптом на исцрпена фискална позиција. Владата првично барала 300 милиони евра, а договорила 260 милиони евра. Оваа разлика меѓу бараното и добиеното е економска порака дека финансиските пазари не се водат од прес-конференции, не читаат партиски соопштенија од Белата палата и не ги слушаат самопофалбите за „стратешки партнерства“. Банките ја мерат способноста за отплата на долгот, референтни точки им се дефицитот, јавниот долг, ликвидноста, каматниот товар, динамиката на приходи, доспеаните обврски и кредибилитетот на фискалната политика. Довербата има цена, а во овој случај и лимит, граница – меѓународните финансиски пазари ја коригираат розовата проекција од Илинденска ББ.
Следниот аргумент бара да бидеме прецизни. Станува збор за заем кој нема конкретна проектна архитектура на трошење. Се гледа дека намената е општа, а не проектно врзана за конкретна железница, болница, енергетски капацитет или индустриска зона. Тежиштето е поставено на сервисирање на ликвидноста на Буџетот, кој се троши побрзо отколку што економијата може да создаде додадена вредност.
Третиот аргумент произлегува од цената. Според актуелниот 6-месечен ЕУРИБОР од 2,562% и договорената маржа од 2,10 процентни поени, овој заем во моментот би чинел околу 4,66% годишно. Во зависност од конечниот распоред на отплата, државата би платила приближно меѓу 58 и 64 милиони евра само за камати, а со еднократниот надоместок од 3,64 милиони евра, директниот финансиски товар се движи од 61 до 67 милиони евра, без дополнителните агенциски и други трошоци. Тоа значи дека реално заемот ќе ја чини државата приближно меѓу 321,6 и 327,6 милиони евра.
Четвртиот аргумент е дека ова задолжување не е изолиран случај. Пред два дена, на 19 мај, преку аукција на државни обврзници првично се бараа 1,365 милијарди денари со камата од 5,2% и уште 185 милиони денари со камата од 4,45%, односно вкупно 1,55 милијарди денари или околу 25,2 милиони евра. Но потоа ова домашно задолжување е коригирано нагоре, имаме ефективно задолжување од 1,7349 милијарди денари со камата од 5,2% и уште 204,23 милиони денари со камата од 4,45%. Наместо планираните 1,55 милијарди денари, државата на домашниот пазар се задолжила со вкупно 1,939 милијарди денари, односно околу 31,5 милиони евра. Разликата е речиси 389 милиони денари или околу 6,3 милиони евра повеќе од првично планираното.
Петтиот аргумент е јавниот долг. Во декември 2023 година јавниот долг изнесуваше 8,5 милијарди евра. Денес е околу 10,8 милијарди евра без овој заем, а со новото задолжување се приближува до 11,1 милијарди евра, односно над 61% од БДП. Тоа е зголемување од околу 2,5 милијарди евра за две години. Во регионот Србија е околу 44% од БДП, Бугарија 27%, а Косово 17% – факти, а не политички квалификации.
Шестиот аргумент е дека и овој договор ги има симптоми на истата култура на брзање и ограничена транспарентност. Договорот е датиран од 7 мај 2026 година, а на пратениците им е доставен на 15 мај. За договор тежок 260 милиони евра, кој сигурно се подготвувал подолг период, пратениците добиваат осум дена и се очекува да бидат само гласачка машина.
И конечно, колеги и колешки од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, ако зборувате за аргументи, почнете од Деловникот. Вие не можете да барате аргументи во расправа што самите ја обезвреднувате со кршење на процедурата. Кога претседател на Собранието закажува седница на Комисијата за финансирање и буџет на начин што ја заобиколува претседателката на Комисијата, иако таа е присутна, тогаш ова ваше однесување може да се оцени како институционална принуда.
Аргументите и бројките ги имаме, но она што недостасува кај ВМРО-ДПМНЕ е подготвеност да се соочи со нив.
П.С. Ова е предговорот, главното поглавје доаѓа со ребалансот на Буџетот. Тогаш од собраниската говорница ќе зборувам и со други бројки кои ќе покажат дали навистина сме „трета најбрзорастечка економија во Европа“ или само прва во регионот по економска самопофалба.
Бројките се тврдоглави!
Фатмир Битиќи фб статус
——

Back to top button
Close