Богоев: И ЕК нотира висока усогласеност на нашето законодавство со законодавството на ЕУ во полето на Царината

„Од аспект на следење на европските регулативи имаме висока усогласеност на нашето со законодавството на ЕУ што e нотирано и во извештајот за напредокот на РС Македонија. Имплементиран е дополнителниот протокол на ЦЕФТА за олеснување на трговијата, а унапреден е и концептот за овластен економски оператор“ рече директорот на Царинската управа, Стефан Богоев во интерју за „24 инфо“.

Тој додава дека Царинската тарифа од 2023 година исто така е усогласена за да ги одрази најновите промени во Комбинираната номенклатура на ЕУ.

„Во моментов интензивно работиме на имплементација на новиот национален едношалтерски систем кој ќе овозможи завршување на сите процеси за царинење од едно место. Имплементацијата на овој систем е дел од Проектот на Светска банка за забрзување на транспортот и трговијата во Западен Балкан“ рече Богоев.

Директорот на Царинската управа додаде дека за сузбивање на сивата економија и корупцијата, покрај мерките што ги преземаме во рамки на соработката со Трезорот на САД, работиме на проект преку кој следната година ќе биде поставен комплетно нов систем на камери со софтверски систем што ќе ги обработува податоците за препознавање регистарски таблички, за што се обезбедени средства од Светска банка.

„Контролата на работата на цариниците на најфреквентните гранични премини ќе биде значително зајакната по донацијата на програмите на САД за боди камери“ рече Богоев.

Back to top button
Close