Бугарите ич не се виновни!  

 

Во епот Махабхарат (древна Индија), се опишува како некој човек по име Кхалиб, цел живот сонувал да го посети преубавиот митолошки град Мохенџо Дара.

Требало седум недели да пешачи низ пустината за да стаса до таму. Кога исцрпен се приближил до градот, бил фасциниран од неговата убавина. Но, на влезот кај главната порта, увидел бројни гробови на чии спомен-плочи пишувало страшни нешта. На едниот пишувало – „Мегхалаја Јамму – ги убил своите деца“, на другиот – „Махараш Хандихра – ги убил своите родители“! На секоја спомен плоча пишувало за убиени блиски роднини!

 

Кхалиб избезумен почнал да се тресе и како полуден трчал од гроб до гроб! Солзите му течеле како чешма. Уште повеќе прснал во плач, кога видел огромен гроб со најскапа спомен-плоча и безброј орнаменти каде што пишувало – „Јхаркханд Накобхар – убил илјадници невини луѓе“. “Па со кој морал му изградиле таков скап споменик на овој крвник!?”– извикал Кхалиб низ солзи!

Вратарот му објаснил дека овие покојни луѓе се прогласени за убијци на своите блиски, оти го помогнале алчниот Накобхар да дојде на власт, по што луѓето масовно изгинале од глад. А кога луѓето му се спротиставиле, тој Накобхар употребил едно чудно оружје за масовно уништување наречено – Брахмаширас, и бил уништен целиот град. По три века, дури сега почнал животот тука да се враќа!

Такви алчни водачи и нас не водеа низ декади, оти самите ги заслуживме! Оти тука нормалноста тешко проаѓа, ама клептоманијата со помош на лажниот патриотизам лесно станува до клептократија.

 

А нормалноста одамна е избегана од тука и продолжува некаде далеку (многу повеќе од што статистиката покажува)! И тие кои се уште се тука, живеат со комични или трагични драми. Етничка драма, економска драма, финансиска драма, криминална драма. Овде е се драматизирано!

Станавме убијци на чесноста, вистината, правдата, достоинството и прогресот. А со тоа и на иднината како целина. Тука се драматизираше нормалната идеја на Тупурковски за договор за заедничка држава! После многу години и трауми дојдовме до тоа! Се драматизираше Уставот, Охридскиот договор, Преспанскиот договор, пописите и што не!  Како алтернатива се нудеа бројни квази-проекти кои се продаваа како мед и млеко, а испаднаа само лук и вода!

 

Зошто барем еднаш не се запрашаме – зошто само нам ни се случува, пред секоја важна одлука, да се запали јавноста со цел да ја изминира истата!? Дури  и да се работи за странски агентури кои посакуваат распад на државата, па со помош на нивните инсталации се лансираат бројни „обранбено-патриотски“ работи, за да ја постигнат целта. А нивната цел е да ја блокираат и уназадуваат државата, за полесно да се распадне. И за чудо, многу луѓе паѓаат во таква замка! И не случајно сме тука каде што сме. По распадот на СФРЈ бевме веднаш по Словенија. Хрватска беше во војна. Бугарите едвај преживуваа продавајќи кај нас сè и сешто „за една червена“! Романија беше во хаос. Да бевме барем малку паметни, ние ќе станевме членка на ЕУ во 2004 година, три години пред Бугарија, па тогаш ние ќе ја условувавме!

 

Втората шанса беше пропуштена во 2006 година, кога пак во име на некој лажен патриотизам, беше изгласан Груевски, па видовме до каде стасавме! А пред тоа имавме цврсто ветување од Западот и Грците дека ќе можеме да станеме членка на ЕУ во 2010 година, ама со времената референца FYROM. И тоа пропадна. Дури стасавме до „Заплакала Македонија за Путин“, „НАТО – терористичка организација“!!! А зошто барем еднаш не се запрашаме зошто сите наши добри бродови ни потонуваат во плитки води!? Зошто сите наши добри шанси перфектно ги прокоцкуваме, настојувајќи едниот ѓавол да го избркаме со помош на друг ѓавол!?

 

Зошто барем еднаш низ ови три декади не престанавме да се однесуваме како лути феферончиња!? A зошто некому е важно дали Бугарија има или нема расчистено со „нациофашизмот“!? Тоа е исто како да се лутите до бесвест за тоа што комшијата не ја изорал својата нива! Тоа е нивен проблем и на ЕУ како целина, особено тогаш кога формираат такви здруженија низ светот, кои нема да ги посетуваат ниту двајца без тројца!? Тие самите нека се справат со тоа. Кој е тој паметен што на противникот сака да му изнајде убаво име!? Дури некој добро информиран македонски анти-бугарин, ќе требаше да се радува на таквите бугарски будалаштини. Бугарскиот премиер во моментот е под голем притисок да се изнајде решение за Македонија, па е приморан да ја игра и таа нивна блесава бугарска егоцентрична игра, со цел да ја заврши работата со Македонија, која се гледа од Месечината дека со душа сака да ја заврши.

 

Нели овој народ сеуште не е уморен од евтини збиднувања и евтини политичари кои настојуваат во политиката да опстанат со евтини нешта. Па мисли ли некој дека на оваа држава и треба економија, развој, наука, образование, здравство, инфрастуктура? Мисли ли некој, дека луѓето имаат природно право на пристоен живот и тогаш кога наивно се нафаќаат во замката на квазипатриотите кои штом дојдат на власт веднаш се конвертираат во финансиски патриоти!?

Видовме што прашина се дигна по пописот, кој последното што треба да го има е етничкото. Добрите демографи велат дека во државата нема резидентно население повеќе од 1.5 милиони жители. Друго прашање е тоа што низ целата територија на државата се запишани како резидентни граѓани и една бројка која реално работи надвор од државата, за да се прикрие срамот што со декади не следи.

 

Тие кои се власт, барем после толку декади изгубени, конечно нека се нафатат за сериозна работа. Нешто почна да се мрда во борбата против корупцијата и криминалот, ама има и други сегменти. А тие што се опозиција, нека понудат развојни проекти и идеи, а не секој ден да свират на истраени „инструменти“ за масовно уништување !

Нашата тажна судбина не ни е по некоја случајност, туку тоа е по наш избор. А утре кога тука ќе се населат Африканци и Индијци, можеби и нам ќе ни се пишува по гробови – „Н.Н. ги истерал своите деца од джавата“!

 

Back to top button
Close