Бугарски пасоши како нужно зло

Никој не може да се најде во идеални околности за да може да избере совршен сопствен идентитет. Без оглед колку и да е силна волјата да се биде нешто издвоено, одделено, разграничено. Различните култури, јазици и идентитети се движат во средиштето на значењето на поимот Европа, кој е постојано предмет на преговори и формулирања.

Бугарска рашомонијада околу идентитеските прашања и „погрешното“ толкување на историјата како пречка за градење на добрососедски односи континуирано добива нови димензии.Обидувајќи се да му подметне на Брисел кукавичко јајце, и повикувајќи се на наводна посветеност на политиката на ЕУ-проширувањето и на афирмацијата на европските вредности, Софија, како уште еден адут за објаснување на својата „тешко разбирлива позиција“, ги извади и бројките од над 88.000 македонски граѓани “со бугарска самосвест“, кои во изминатите десетина години добиле бугарски државјанства и пасоши.

Мнозинството од  макледонски граѓани со бугарски пасоши, или, како што ги дефинира Екатерина Захариева, „бугарски и европски државјани“, денес живеат и работат во западните ЕУ-членки. Но тоа, се разбира, воопшто не ја спречува бугарската министерка да манипулира со фактите во интерес на засилената антимакедонска кампања, тврдејќи дека „секој кој денес во Република Северна Македонија се дефинира како граѓанин со бугарски корени, таму и понатаму се дискриминира“. Но вистината во најголем дел е сосема поинаква и воопшто не претставува некаква поткрепа за наметната теорија за бугарските корени на македонскиот идентитет и јазик.

Тоа што денес во голем број земји во Европа се дозволува и функционира двојно или повеќекратно државјанство, веќе не претставува никаква невообичаена појава. Но проблемите кои се поврзани со изборот на државјанство не се едноставни и често подразбираат и чувство на принуденост да се донесе извесна одлука.

Не постои никаква меѓународна конвенција која ги регулира прашањата околу државјнаствата и припадноста кон држава. На секоја држава ù е оставено самата да решава кој има право да добие државјанство и за кои права, можности, гаранции и ограничувања станува збор за да се биде државјанин на некоја земја. Но со оглед на тоа дека државјанството се смета за национално прашање, а не нешто што би требало да се третира од страна на меѓународната зедница, системите за државјанства на разни земји тендираат кон инкопатибилност. Како последица на таквата пракса, луѓето често се соочуваат со тешката одлука да изберат државјанство, или во најлош случај да се откажат својот пасош во полза на некој друг. Низа земји во светот денес дозволуваат нивни граѓани да имаат повеќе од еден пасош, но факт е и тоа дека не е мал бројот на земји што применуваат мошне рестриктивни принципи во оваа област. Норвешка, Холандија, Австрија, Естонија и Летонија се дел од европските земји во кои е мошне тешко да се задржи националниот пасош доколку некој стане државјанин и во некоја друга земја.

Кога се во прашање причините поради кои најчесто се бара државјанство во друга земја, во помал број земји, меѓу кои и САД, се применува принципот jus soli (латински за “право на почвата; државјанството со раѓање на територијата на таа држава). Други држави го користат повообичаеното jus sanguinis, „правото на крвта“, според кое правото на државјнство на некое лице се определува од потеклото.

Изјавите со „признание“ за сопственото бугарско потекло, кои македонските граѓани ги потпишуваат при аплицирање за бугарско државјанство, во еден според многу сознанија срамно корумпиран процес исполнет со понижувања и злоупотреби, се токму тоа горчливо решение и принуда која многумина осиромашени македонски граѓани ја чувствуваат како нужно зло, сметајќи ја Бугарија и нејзиното државјанство како ништо повеќе освен „отворање на вратата“ кон Западот. Печалбарската снаодливост, во духот на историските традиции, не познава никакви граници.

Бугарите, се разбира, наоѓаат начини како да манипулираат и да ја актуелизираат оваа непријатна тема, злоупотребувајќи ги судбините на десетици илјади луѓе за да ги зајакнат доказите за она што упорно го верглаат во својата негаторска агенда. Иако ретко кој од „новоосвестените“ македонски граѓани со бугарски пасоши ќе успее да ги придобие како свои симпатизери, Каракачанов сигурно нема да престане да провоцира со подмолни изјави дека станува збор за заблудени луѓе, кои, откако го отсонувале својот лажен сон, се разбудиле како Бугари.

Еден од поинветивните коментари на оваа тема деновиве се слушна од потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски, кој рече дека одговорот на овие прашања е од социо-економски карактер и дека „овие луѓе вадат бугарски пасоши за да отидат во земјите од ЕУ, да заработат по некој денар и повторно да се вратат во Македонија“. На ваков начин само се минимизира и потценува достоинството на сите тие луѓе кои се иселиле од Македонија, но не само за да заработат по некое денарче, или можеби некое евренце или доларче, туку и да се оттргнат од задушувачката прегратка на деструктивните политики, меѓу другото и од оние на Николовоски и неговите сопартијци, кои само го зголемуваат хаосот што им го загорчува секојдневието на обичните граѓани и на нивните семејства.

Достоинството на тие луѓе, кои како жежок костен го грабнуваат бугарскиот пасош, сè уште е притиснато и понижено на параходот што не е на пат на враќање, туку и понатаму е во насока на заминување.

Ивица Челиковиќ

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close