Бугарските избори и македонската јавност

Блокадата на Македонија, бугарските избори и настаните по нив ѝ помогнаа на македонската јавност подобро да разбере што се случува кај соседите за кои толку малку знаевме. Пишува Љупчо Поповски a пренесува Дојче веле.

Ако ја тргнеме настрана лошата крв што протече од Деве Баир преку двете страни на границата, предизвикана од нелогичната, неумесната, па дури и неверојатната блокада на Софија на македонските европски аспирации, настаните од последниве седум-осум месеци (заклучно со изборите) имаат и свој придонес во запознавањето на двата соседи. Тоа на некој начин изгледа како старовремскиот метод за лечење на некоја болест со пијавици.

Бугарија, која за македонските граѓани две децении беше перцепирана само преку Банско, Сандански, Боровец или Пампорово, во еден информациски вител почна да биде откривана и на друг начин. Во изминатава деценија со бугарската уметност се запознававме преку гостувањата на оперски пејачи, диригенти или театарскиот режисер Александар Морфов (овде му дававме и награди), преку преводи на книги на врвни бугарски писатели. Уметноста пулсираше меѓу двете страни на границата, иако не во доволен обем. Фактот дека во последниве 25 години на бугарски јазик беа преведени најмалку 200 дела на македонски писатели е податок кој зборува сам за себе повеќе од сите политички приказни за некаква „омраза“ овде или таму.

Mazedonien Ljupco PopovskiЉупчо Поповски, автор на колумната

И тогаш дојде прво декларацијата на бугарскиот парламент за „македонското прашање“, а од лани летото, во ужасот на короната, се крена еден поголем „ужас“ – бугарското вето во ЕУ. Тоа како да ги издува сите оние чекори градени трпеливо по падот на железната завеса. Во македонската јавност има речиси неподелено мислење дека тоа бил „братски“ удар со нож во грб. Во моментот кога тој бил најмалку очекуван. Македонците со години полека ги амортизираа стереотипите кои многу децении беа градени околу Бугарите, нивниот однос кон македонското национално ткиво, неговата самобитност и јазикот. Значајна улога играа и студентите кои пред двесетина години почнаа да се запишуваат на бугарските факултети во потрага по подобро знаење со финансиски олеснувања поврзани со стекнувањето пасоши на бугарската држава. Без оглед на пасошите, тие изградија еден специфичен мост меѓу двете општества. И сега тоа изгледа како целосно урнато.

Изгледа неверојатно, но така е кога политиката ќе ја впрегне целата своја машинерија во остварување на одредени цели кои изгледаа нелогични во 2020 година. Но, дали во политиката секогаш може да се најде логика? Кога таа ќе затегне една спирала треба време да се смири. Македонскиот рефлекс беше одбранбен, но и во одбраната се преминуваат граници, кои до пред неколку години изгледале страни, па дури и општествено неприфатливи. Тој одбранбен рефлекс беше поттикнат од толку многу неверојатни тврдења од Софија, што најпосле реакцијата на нив се претвори во подбишега.

Што дознавме?

Како и да е, како и да ќе се развива оваа сага со блокадата, Бугарија ја запознавме повеќе. Но станавме и сведоци дека наеднаш многумина овде се најдоа во самопромовирана улога на познавачи на бугарската политика и на бугарското општество, без на нив воопшто да им обрнуваат внимание пред година-две. Јавноста е гладна за информации, па во тој голем кладенец многу сакaа да бидат мали изворчиња. Не е тоа лошо, обичниот граѓанин полека склопуваше важен дел од сликата за која порано и не знаеше какви се нејзините вистински контури.

Bulgarien I Parlamentswahl

Многу работи дознавме за Бугарија од минатото лето наваму кога почнаа големите протести против корупцијата и недопирливоста на олигарсите кај нашиот сосед.

Дознавме како поранешниот министер за правда во втората влада на Бојко Борисов, Христо Иванов, се истовари со гумен чамец на едно од познатите места на црноморското крајбрежје за да ги предизвика оние кои незаконски го присвоиле тој дел од брегот и при тоа добивале безбедносна заштита од тајните служби.

Потоа ја следевме неговата „крстоносна војна“ против корупцијата, која заврши со формирањето на партијата Демократска Бугарија, од сите колеги во Бугарија оквалификувана како многу проевропска. Па во анкетите пред изборите и на денот на изборите следевме колку пратеници ќе освои, и кога стигна до 10 отсто од гласачите тоа беше некаков вид олеснување дека некој кој не е замешан во „македонското прашање“ има значајна поддршка од избирачите. Тоа беше парцијална перцепција, зашто главната заложба на Иванов беше целосна реформа на правосудниот систем за да може државата да се бори против канцерогената корупција.

Дознавме како едни од главните учесници на протестите се нарекоа „Отровното трио“ и заедно со пребеганата социјалистка Маја Манолова ја формираа партијата со за нас чудно име „Исправи се! Мутри (бандити) надвор!“ Малку подоцна разбравме дека реченицата „Мутри надвор“ претседателот Румен Радев во гостувањето на Дарик радио ја означи како клучен повик на годината на „стотици илјади Бугари кои повеќе не сакаат да живеат во лага и беззаконие“.

Bulgarien Parlamentswahlen

Дознавме и дека и други луѓе може да им дадат специфични, а за нас чудни имиња, на партиите. Како онаа на шоуменот кој стана политичар, Слави Трифонов, кој својата партија ја крсти „Има таков народ“. За македонската јавност ваквите имиња беа на нивото на чудо кое не знае како да го објасни. Македонските партии секогаш сакале да имаат имиња кои прокламираат некои високи демократски цели (барем во нивните називи) и да поттикнуваат на некаква длабокоумна порака. Тогаш сфативме дека кај нашите бугарски соседи има и поинаков дамар, оној што е поттикнат од ситуацијата на денот и дека нивните резони се поинакви. Најпосле, тоа изгледа го сфативме како специфичност на која не треба да се гледа со чудење, туку како на директна политичка порака, која може да одѕвонува кај гласачите. Резултатите од изборите го покажаа токму тоа.

Па дознавме за исклучителни политички аналитичари, научници и новинари. Претходно ги знаевме најмногу извонредниот Иван Крастев и овде познатиот Димитар Бечев. Потоа со задоволство ги читавме анализите, толку добро напишани, од Даниел Смилов од Центарот за либерални стратегии, не само за блокадата на Македонија, туку најмногу за состојбата во бугарското општество. Или на Ивајло Дичев, професорот по културна антропологија на Универзитетот во Софија. Или на политкологот Евгениј Дајнов. Или на професорката по политички науки Ана Крстева, која напиша толку извонреден есеј како Слави Трифунов продава мечти додека другите продаваат магистрали и омраза, што може да биде пример за анатомија на еден политички потфат кој е целиот обвиткан со магла.

Па додека на другите телевизии ги слушавме тирадите на историчарите и политичарите од власта, кои без да запрат ја убедуваа јавноста како Македонците го крадат бугарското минато и никако не сакаат да признаат дека до 1945 година биле Бугари, на Телевизија Европа одличниот Георги Коритаров го гледавме како упорно поставува прецизни и јасни прашања (како кон европратеникот Андреј Ковачев) на кои соговорниците не знаат како да одговорот. Кога тој неочекувано почина оваа недела од компликации од корона вирусот тоа стана речиси домашна вест во Македонија. По неговата смрт дознавме дека Коритаров бил 10 години соработник на државната безбедност во социјалистичкото време под името „Алберт“ и дека бил принуден на тоа откако успеал со лекарски фалсификат да биде ослободен од служење војска во Живковото време. И дека кусо време потоа државата дошла да го наплати тоа принудувајќи го на соработка. Кога беа објавени податоците од неговото досие Коритаров го призна тоа и им се извини на сите засегнати. Преку неговиот случај дознавме колку била широко распространета доушничката мрежа во тогашна Бугарија (како што знаевме и за многу тамошни актуелни и поранешни политичари), но и дека тоа не можело да стане пречка за тој да има извонредна новинарска кариера поради неговото знаење и креативност.

Bulgarien Vinogradets | Wahlplakate

Европска рампа за обвинители

Па го следевме премиерот Бојко Борисов како со џипот ја обиколува Бугарија во повеќемесечна кампања, како тој по образецот на најголемиот број европски политичари е центарот на наместени случувања (како она кога му го даде палтото на еден работник). Па не можевме да се начудиме и дури се фаќавме за глава кога Екатерина Захариева го споредуваше Тито со Хитлер, и како таа и Красимир Каракачанов нѐ убедуваа дека не сме знаеле оти сме живееле во најстрашната можна диктатура што може да се замисли од 1945 до 1990 година. А ние на пример можевме слободно да патувавме низ светот, додека нивните пасоши беа чувани од државата; кога цел свет доаѓаше во Белград на БИТЕФ или тамошниот џез фестивал (од Дјук Елингтон до Мајлс Дејвис), а од 1982 година дузини и дузини светски џезери доаѓаа на Скопскиот џез фестивал. Во таа страшна диктатура.

Потоа дознавме дека според една анкета дури 87 отсто од Бугарите, наводно, не сакаат владата воопшто да попушти во цврстиот став за блокадата на Македонија. Се чудевме од каде таквото унисоно мислење и преку следењето на бугарските медиуми ја откривавме таа загатка што ни изгледаше зачудувачка. Тогаш се потсетивме на зборовите на тогашниот бугарски претседател, Петар Стојанов, на почетокот на 2000-те дека „Македонија е најромантичниот дел од бугарската историја“. Не можевме да разбереме како ова мало парче земја може да има таков статус во бугарското национално паметење. Но блокадата ни откриваше дел од овие митови и заблуди, кои не сме ги сметале за некаква реална политика, туку за заборавено наследство од минатото. Но изгледа дека не било така, па почнавме повеќе да го откриваме бугарското општество, без оглед дали ни се допаѓа или не тоа што ќе го дознаеме.

Потоа дознавме дека новиот европски обвинител, Лаура Ковеси, прифатиле само тројца од десеттемина предложени за заедничкото европско обвинителство и дека другите не ги поминале потребните услови, што пред очи ни ја претстави состојбата со бугарското правосудство за кое има толку многу критики и во ЕУ и во САД. Тогаш сфативме дека корупцијата не е само овдешна туку тоа е силна регионална болест и во оние држави кои малку сме ги знаеле.

Bulgarien Bujar Osmani und katerina Zaharieva

На денот на изборите пренесувањето на сигналот на Бугарската национална телевизија ни помогна да видиме како изгледа таму дебата во изборната ноќ, каде многу добри аналитичари ги толкуваа неочекуваните резултати во едно големо студио во добро организирана програма. Тогаш дополнително разбравме за мозаикот на бугарското општество. И најчудно, забележавме дека никој не го спомена „македонското прашање“ при одлуката на бугарските гласачи, туку само дека националистичките партии биле поразени на овие избори. Во таа изборна ноќ на многумина овде им стана јасно дека други маки ги мачат Бугарите, а дека блокадата на Македонија не е во врвот на приоритетите како што сакаа да го претстават тоа некои врвни владини претставници последниве шест месеци.

Бугарските избори и настаните по нив ѝ помогнаа на македонската јавност подобро да разбере што се случува кај соседите и тоа не е мала работа во ова време кога двете држави се борат со огромниот број заразени и многуте починати од ковидот. Таа црна нишка на некој начин нѐ поврзуваше, колку и да изгледа трагично. Во тагата, маката и стравот нема граници ниту предрасуди.

Ова запознавање со Бугарија (без оглед што многу работи од него не ни се допаѓаат), сепак може да помогнат во некакво зближување и разбирање. Ако обете страни знаат да го искористат тоа на најдобар можен начин. Погледнете што се случи со Грција. Додека не се случи Преспанскиот договор бевме преплавени со инфомации од Грција; за Златна зора, за Независни Грци, за Сириза, за цврсти националисти и проевропски ориентирани. Знаевме толку многу работи за Грција. По Преспа и доаѓањето на власт на Нова демократија толку многу се загуби интересот за случувањата во Грција што сега главната точка на љубопитноста е дали ќе се отворат границите и дали ќе може годинава да се оди на одмор на тамошните плажи. Настаните во Грција се изгубија од радарот на македонските граѓани. Тие се свртеа кон други кои ставија кочница. Затоа и изборите во Бугарија беа во голема мерка домашен настан.

 

Back to top button
Close