Цеков: Горан Минчев го напаѓаше СДСМ, а негова фирма добила помош од Владата на Заев

Пратеникот Миле Цеков, кој неодамна ја напушти партијата ЗНАМ и сега настапува како независен пратеник, од собраниската говорница упати серија обвинувања кон поранешниот сопартиец и министер Горан Минчев, обвинувајќи го за политичко лицемерие и двојни стандарди.

Во своето обраќање, Цеков потсети на јавните настапи на Минчев во кои жестоко го критикувал СДСМ и тогашниот премиер Зоран Заев, а потоа изнесе тврдења дека компанијата на Минчев во минатото добила финансиска поддршка од Владата предводена токму од Заев.

„Минчев во 2016 година ја основа приватната компанија ГМА Unlimited ДООЕЛ Скопје… Во 2020 година, додека премиер е Зоран Заев, неговата компанија добива финансиски средства од Владата на Република Македонија“, рече Цеков.

Тој нагласи дека тоа е во спротивност со реториката што Минчев ја користел во јавноста против СДСМ.

„Човекот што денес ни држи лекции за морал, принципи и за тоа дека СДСМ било окупирано од некого, во 2020 година преку својата фирма добивал средства од Владата на Заев, па што тогаш не му пречеле ни Преспанскиот договор, ни Договорот за добрососедство“, изјави Цеков.

Во говорот, независниот пратеник директно му порача на Минчев дека одговорите треба да ги даде пред јавноста.

„Господине Минчев, јас нема да ви судам, ќе ви судат граѓаните. Ако принципите навистина немаат цена, тогаш објаснете им на граѓаните како тие принципи изгледаат во 2020 година, кога вашата компанија примала средства од Владата која денес ја опишувате како клиентелистичка и окупирана од Заев“, рече Цеков.

Обраќањето го заврши со потсетување на пораката што, како што рече, самиот Минчев често ја повторувал.

„Принципите или ги имаш, или ги немаш. Или, како што старите велеле, на мака се познава човекот, а на власт – принципите“, порача Цеков.

Back to top button
Close