Чернева: Одлагањето на уставните измени е трагична загуба на време за Северна Македонија


Бугарската експертка и советничка за надворешна политика на поранешниот премиер Кирил Петков, Весела Чернева оценува дека тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Сиљановска Давкова за повторно отворање на преговарачката рамка за Македонија е губење време, бидејќи не гледа бугарска влада која би се согласила да го предоговара актуелниот предлог.

Во гостување на ТВ НОВА Чернева објаснува дека кога работеле на францускиот предлог со колегите од земјите членки на ЕУ, со Европската комисија и со Европскиот совет, било многу јасно дека тоа е рамка во која Унијата пред сè гледала заштита на барањата и интересите на Бугарија како нејзина членка. Предлогот, вели, бил испратен во Скопје, направени се консултации и со македонската страна, а францускиот претседател имал клучна улога.

– Но, не гледам како може повторно да се отвори таканаречениот француски предлог за Северна Македонија. Мислам дека одлагањето на уставните измени е трагична загуба на време на жителите на Северна Македонија. Тие, исто како и сите други народи од Западен Балкан, треба да имаат шанса да започнат преговори за членство во ЕУ, вели Чернева, која е заменик-директор на Европскиот совет за надворешна политика.

Според неа, тоа што не се смени Уставот со цел да се споменат Бугарите во него е жално, бидејќи Скопје можеше да ги почне преговорите уште минатата есен.

Кога зборува за тоа дека нема бугарска влада која ќе прифати предоговарање на предлогот како што тврдат во ВМРО-ДПМНЕ и новоизбраната претседателка Сиљановска-Давкова, Чернева потсетува дека за тогашните преговори Бугарија платила висока политичка цена и се случиле политички потреси. Францускиот предлог беше поддржан во бугарскиот парламент со над 170 гласови, но Чернева смета дека такво мнозинство тешко може да се постигне па не гледа начин како предлогот повторно би се отворил.

Back to top button
Close