Четири затворски и една условна казна за осудените што признаа вина во скандалот со пасошите

Една условна казна и четири затворски казни за петтемина обвинети што признаа вина во случајот „Двојник“, кој се однесува на издавањето 215 пасоши од МВР на странци кои се бараат со меѓународни потерници.

Од нив, четворица се вработени во МВР и судот ги прогласи за виновни за злоупотреба на службената положба и овластувања, а другиот првостепено осуден е посредникот Раиф Мифатари, кој се товари за поттикнување.

Мифтари доби 2 години и 3 месеци затвор, додека останатите затворски казни за тројца од вработените во МВР се во висина од: 2 години и 7 месеци, 2 години и 3 месеци, 2 години. Условната казна е за еден вработен во МВР и таа изнесува 6 месеци затвор, кои нема да се извршат ако во рок од 2 години тој не направи ново кривично дело.

Максималната затворска казна што им се закануваше беше 3 години затвор. Покрај казните, вработените во МВР добија и забрана за вршење на професијата во наредните 10 години.

Судијката Оља Ристова ја соопшти пресудата откако петмина од вкупно 11 обвинети на денешното прво рочиште признаа вина, а обвинителството побара да се земат предвид и олеснителните и отежнителните околности, додека обвинетите рекоа дека жалат за тоа што се случило, а дел од нив рекоа дека не биле свесни. „Судот го имаше предвид начинот на извршување на кривичните дела, како и тоа дека сите освен еден се овластени службени лица на МВР, кои се должни да влеваат доверба кај граѓаните со почитување на законите, а не со нивно прекршување“, рече судијката која посочи дека со тоа што издавале пасоши на странци барани за криминал ја нарушиле националната безбедност, како на нашата земја така и на други држави.

Признание на вина најави уште една обвинета од МВР, која денеска од здравствени причини не дојде во судот, но преку нејзиниот адвокат доставила писмен поднесок дека ќе се изјасни за виновна. За неа предметот се раздвои и рочиште ќе се одржи кога ќе ѝ се подобри здравствената состојба. За останатите петмина вработени од МВР, кои се изјаснија за невини, судењето ќе продолжи в петок.

Back to top button
Close