Циркус максимус трагикус

Скандалот во судскиот совет, најзначаниот по сила на Устав орган кој треба да ја гарантира независноста и непристраснота на судиите, е капката која дефинитивно ја прели чашата во врска со правосудните состојби. После овој циркус трагикус мора да се изнајдат одлучни, па макар и радикални решенија кои ќе го спасат правосудниот систем од него самиот, а богами и сите нас од него!

Овој орган (СС), патем, има и своја институционална историја на проблематичност која дури и од времето на Махајлота – Мано, ако се сеќавате, се брукаше по разни основи. Но, повторно, еве нè на прапочетокот.

Гледаме дека се нема ослободено од тој дух на “доброволна зараза” на неговите членови со “лукративната болест”. Или, со циркусот што ни го приредија акробатите – членови на СС, само се потврди веќе присутната скептична слика која ни беше пред очи: нашето правосудство е расштрафено и сите “решенија” што се бараат по ходници, во скришни сокачиња и кафански сепареа, се покажаа како погубни.

Решенијата затоа мора да се бараат на соодветните системски места на кочници и рамнотежа, кои секако дека се предвидени и во нашиот политички систем. Затоа, убедена сум дека тие што се поведоа по тотално самоволната, незаконската, насилна иницијатива мора да бидат изведени пред лицето на правдата. Па добро бре, мајку му страта, каква е таа изјава на “потпретседателот” дека СÈ ШТО НЕ E ЗАБРАНЕТО БИЛО ДОЗВОЛЕНО? Дали се слушаш што зборуваш, г-не потпретседател?!

Луѓе мои, се чини дека овие циркузанти, поим немаат ни каде се наоѓаат, ниту пак знаат што им е работата.  Или, можеби обратното е поточно: многу добро знаат која им е работата и работодавачот , па тенденциозно ја “попречуваат правдата”?  Како е можно да ја “промашиле процедурата” по која треба да работат?!

Разбирате ли која е вашата суштинска улога? Тоа треба да е градење и јакнење на капацитетите на правосудниот систем, а не спротивното: негово распарчување!

Консеквентно, како и за сите други кои постапуваат спротивно на својата надлежност, и за овие мора да има опција да подлежат на одговорност. Во таа смисла, решенијата за утврдување на одговорност што стојат на располагање ги има! Не е дека ги нема. Тие ротираат околу неколку пункта: истрага за текот на седницата и во врска со записиниците и соодветно утврдување на одговорност; собраниско разрешување на членовите; или најелегантно – да поднесат оставки за да не се бламираат и нас да не нè замараат со своите рекла-казала приказни за мали деца.

Аман бре веќе, не пукнавте!

Со други зборови, немам никава дилема дека во овој состав на СС има членови кои со своето постапување, и пред сè НЕПОСТАПУВАЊЕ, треба веднаш да се најдат надвор од правосудниот систем на државата (не како орган, туку како персонален состав), а за одговорните за овие злодела, препорачувам и порaдикално решение: забранa на обавување на било каква функција во правосудниот систем, па дури и во адвокатурата.

На крајот на денот, циркузот треба да е нели “забавна работа”. Иако, во нашиот случај е испадна трaгична! Во циркузот, се приредуваат егзибиционизми преку бизарни перформанси: голтачи на пламени, ѕверови кои послушно рипкаат и играат валцер, кловнови кои до солзи ја засмејуват публиката и така натаму…. Публиката плаќа карта, ja гледа претставата и задоволна си оди!

Но, извинете, за нас тука, прво, цената е превисока, а во суштина и не баравме да гледаме циркуз. После претставата, вообичаено е Циркузот си оди од каде што дошол!  Па така, и овој наш циркуз со сите негови актери и помошен персонал, треба да си замине малку подалеку, а неговите членови да се вратат некаде на почетокот на прва година на правен факултет пред првиот колоквиум.

И, секако, што е најважно, да се утврди нивната одговорност!

Ана Чупеска

 

Back to top button
Close