Д-р Дохчев: Кај еден од двајцата пациенти е отфрлен пресадениот бубрег
За жал вчера едниот трансплантиран бубрег не профункционира и моравме да го извадиме. За другата пациентка немам што да кажам, поминавме одлично без компликации и веќе вториот ден се нормализираа оние деградациони продукти во крвта кои се параметар за успешноста на трансплантацијата ио таа е добро. Кај пациентот од кој го извадиме трансплантираниот бубрег од старт имавме проблеми и дилеми дали воопшто да почнеме со трансплантацијата, затоа што од самиот почеток знаевме дека едниот од бубрезите кај кадаверот е беше помалку вреден. Но, сепак се одлучивме да помогнеме на уште еден пациент, кој беше на листата на чекање, изјави во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“ Д-р Сашо Дохчев, директор на Урологија.
Операцијата траела девет и пол час за да се најде прикладна вена и да се поврзе бубрегот со артеријата.
-Кај овој пациент имавме сознание дека крвните садови се проблематични, но сепак го прифативме ризикот. Само од должината на операцијата можете да замислите со какви проблеми се соочувавме – девет и пол часа. Проблем беше што не можевме да најдеме прикладна вена. Успеавме некако да најдеме и да го поврземе бубрегот со артеријата и се израдувавме. Првите капки на урина ги добивме при самата операција. Тоа беше голема радост за сите нас. После 11 минути од пуштањето на крвотокот во бубрегот успеавме и добивме успешна диуреза. Помисливме дека во подоцнежниот период ќе почне да профункционира бубрегот уште подобро, но за жал онаа дискрепанца меѓу дотокот на крв во бубрегот и помалиот одвод на крв направи проблем, рече д-р Дохчев.
Долгата дијализа влијае на оштетување на органите, а најмногу на крвните садови.
–Живата трансплантација од жив дарител е многу почувствителна, но е посигурна, бидејќи имаме работа со пациенти кои се релативно кратко на дијализа или се пред да се вклучат на хроничната програма на дијализа. Што е подолга дијализата толку се послаби крвните садови и сите органи во организмот се оштетуваат, а највеќе крвните садови на пациентите. Морам да кажам дека имаме обиди да се вмрежиме во тој еуротрансплант механизам, најголема европска организација на здружени земји каде има размена на органи што е олеснителна околност за сите.
Пробуваме преку менторство од Хрватска која е лидер во трансплкантацијата на бубрези во ЕУ, вели Д-р Дохчев и додаде дека е потребна многу поагресивна кампања за да се подигне таа општа граѓанска свест за донирање на органи.