ДА СИ ЧЕСТИТАМЕ ИЛИ НЕ?

Ја прегрмевме и оваа, трета кризна година по ред.

Пандемија, пост-пандемија, нападот врз Украина, енергетска криза… Не беше лесно… Но, ајде да видиме што протуркавме и што ќе тркаламе понатаму?
Изминатата кризна година, повторно, прво ни приреди уште еден reality check, но истовремено и ни отвори можност да го антиципираме кризниот посибилизам.

Поточно, консекутивните кризни години, како на светот, така и на нас, ни ја дадоа таа уникатна можност да си ги препрочитаме приоритетите фрлајќи ни ја в лице фактичката состојба. Прво, со агамбеновскиот би рекла “гол живот (bare life)” (иако, оваа референца доби сосем поинаков тек во рамките на научната дебата, а на штета на Агамбен, но неисе). Потем, со состојбите со планетата земја и неконтролибилните климатски промени и последици од тоа; со меѓународниот поредок и неговата (не) безбедност и мултиполарност; состојбите со демократијата; меѓународните организации; неолибералот и сите останати долгогодишно опстојувачки несогледани предизвици – кои само се обелоденија со кризиве. Тие станаа толку манифестни што нема простор да се игнорираат повеќе. Така што и изминатава година ни удри уште еден отрезнувачки шамар за сеприсутното отсуството на антиципација на последиците од нашите индивидуални и колективни дејствија.
Кризното отрезнување, на европскиот континент, така на пример ја засили дебатата за улогата на ЕУ како “субјеkт” во меѓународниот поредок и политика, па оттука се засили и нејзината заложба кон мултилатерализамот како единствен релевантен инструмент во меѓународното општење, што може да го сметаме за релативен успех. При тоа, ЕУ се обидува паралелно да го зајакне и концептот за нејзината стратешка автономност. Старешката автономност, пак, се здоби со еден нов атрибут – а тој е фактички прецизиран во Декларацијата од Мадридскиот Самит на НАТО од јуни 2022, каде што сојузништво меѓу ЕУ и НАТО постанува фактичка и битна инстанца за орджување на мирот. И ова може да се забележи како релативен успех. Слично, конечно дебатата за продлабочувањето и проширувањето на Унијата повторно доби на важност.

Особено предизвикувачки на континетов останаа состојбите со демократијата, од кои некои се уште се антиципираат, а се поврзани со етно-популизмот и радикално десните манифестации кои според силата на нивната привлечност во услови на криза, очекувано е дека зајакнуваат. Но, токму тоа зајакнување, во следнава година ќе мора да биде пресретнато од демократските поредоци кои се повеќе треба фокус да стават на демократската отпорност и на градењето на капацитетите за таква отпорност преку навраќање на основните конституционални алатки и системите на кочнници и рамнотежа (како на пример импичментот за Трамп, и неодамнешното барање од Комитетот за истраги при американскиот конгрес, тој кривично да биде гонет; или, како на пример притворањето на потпретседателката на Европскиот Парламент). Со други зборови, состојбите со демократијата остануваат тековен предизвик и за 2023. Не знам дали треба да се честита за ова. Евентуално догодина.

Слично, рапидната дисеминација на дезинформации, нерелигулираните пазари на big data компаниите, паралелно со алгоритамската стимулација на политичката поларизација и во 2023та очекувам дека ќе го отежнуваат и понатаму демократското управување (не само кај нас), но, овие нешта ако не се санираат со време, тие ќе добијат катастрофални димензии. Предвидувањата за ова се сериозни, особено во хуманистичкиот научен светоглед кој верува во демократскиот поредок. И за ова, не можеме да честитаме никому, сега за сега…

Што се однесува до Македонија пак, може да си честитаме за рестартирањето на евроинтегративната агенда, за успешноста на скринингот, за обновувањето на берлинскиот процес и придобовките од Отворен Балкан. Би можеле и да се пофалиме со кризниот менаџмент– посебно, тука сакам да ја пофалам солидаристичката социјал-демократска атрибуција за помошта пружена спрема најраливите граѓани. Искрени Честитки, за ова.

Но, во тековната 2023, остана и многу за “до-честитање” и за “до-победување”. Tреба сериозно да си го средиме судството; да се избориме со корупцијата и криминалот; да го подобриме образованието. Но, исто така, уште од поодамна на агендата треба да ни е ставена потребата да изнајдеме начин да создадеме национален консенсус по однос на евроинтеграцијата на земјава. Тоа ни го укажаа на неколку наврати. За ова пак потребна е и сензибилизација на општата јавност, како и такт од сите политички чинители. Поддршката од ЕУ ја имаме, па ајде да пробаме да го направиме тој консензус, уште на самиот почеток од 2023. Ако ова го средиме, ќе може да си честитатме и за 2023.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close