Да живеат обединителите!
Од првите парламентарни избори, одржани во 1990 година, ВМРО-ДПМНЕ имаше само тројца претседатели на партијата – Георгиевски, Груевски и сега реизбраниот Мицкоски. Во тие 31 години, СДСМ смени двојно повеќе лидери, почнувајќи од Петар Гошев (кога партијата уште се водеше како СКМ-ПДП), а потоа Црвенковски, Бучковски, Шекеринска, Заев и сега тукушто избраниот Ковачевски. Во трите изминати децении, во СДСМ имаше само две значајни партиски отцепувања (она на Петар Гошев во далечната 1993 со формирањето на Демократската партија; и на Тито Петковски во 2005, кога тој ја основа НСДП). Кај ВМРО, пак, е тешко да се добројат сите фракции кои излегоа од партиската матица и ги основаа своите обединето-разединети, народни, демократски, изворни, нови, стари, десни и најстаро-најнови партиски „иверки“.

Со оглед на тоа што за триесетина години и СДСМ и ВМРО, кумулативно, поединечно владееја со земјата по петнаесетина години, би можело, макар и воопштено, погоре опишаната внатрепартиска динамика и демократскиот капацитет во двете партии да се анализира и низ тоа колку се толерирала различноста на мислењата во партиските врвови, па и чувството за одговорност, не кога се победува, туку кога се губи во политиката. Несомнено е дека, како и да ја свртите аргументацијата, СДСМ отсекогаш била партија со поголем демократски капацитет (иако далеку од идеален), додека во ВМРО-ДПМНЕ ставот на претседателот бил доживуван како партиски закон, а сето останато како „предавство“ што неминовно повлекувало збогување (макар и привремено) со партијата. Тие збогувања знаеле да бидат и со закана од вооружена придружба.
Оваа внатрепартиска традиција продолжува и денеска. Во СДСМ, внатрепартискиот демократски модел (за потсетување, и тандемот Заев/Шекеринска во 2013 година победи на партиските избори во трка со Јовановски/Наумов) уште и значително се унапреди во последната година, со решението претседателот на партијата да се бира на непосредни, општи внатрепартиски избори. На тукушто завршениот вонредниот изборен конгрес се натпреваруваа тројца кандидати за лидерската функција.
Истовремено, 490 делегати на партискиот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, без глас против (додуша, со дури две неважечки ливчиња во гласањето и еден кој не гласал – самиот Мицкоски!) го реизбраа единствениот кандидат Христијан Мицкоски во нов претседателски мандат, овој пат како победник на последните локални избори во државата, но и со најголема пратеничка група во Собранието.
Едноставниот заклучок од оваа фактичка споредба би можел да биде дека во Македонија нивото на внатрепартиската демократија нема директна врска со успешноста на партиите во нивната меѓупартиска изборна трка. Кога би се анализирале состојбите и во другите партии во државата, тој заклучок би можел само уште повеќе да се аргументира. Колкаво и да е нивото на дебата и демократска разноликост во партиите, победувал (или губел) оној што го има партискиот печат во сефот, без разлика како се освојувал клучот од тој сеф. Можеби и затоа што во партиските сефови, обично, не се чува само печатот на партијата.
…
Кокумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука






