Дачиќ од Скопје: Србите во Косово се загрозени и дискриминирани

Првиот вицепремиер и министер за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, денеска во Скопје, за време на своето обраќање на Министерскиот совет на ОБСЕ, изјави дека Србите на Косово се соочуваат со сè потешки форми на институционална и верска дискриминација, закана за безбедноста и економската неизвесност.

Како што рече, безбедносната состојба во Косово е причина за длабока загриженост.

„Верувам дека само силно меѓународно присуство, кое ги почитува меѓународните правни документи, може да гарантира безбедност за сите граѓани. И покрај упорното одбивање на Приштина да ги исполни своите долгогодишни обврски, Белград останува посветен на процесот на дијалог, кој се води според покровителство на Европската Унија и очекува дека сите договори досега ќе бидат спроведени без натамошно одлагање“, рече Дачиќ.

Министерот изјави и дека Србија останува посветена на членството во Европската унија, како нејзин главен надворешнополитички приоритет.

Кога станува збор за ОБСЕ, Дачиќ оцени дека има проблеми во функционирањето на таа организација, неможноста да се постигне консензус за клучните прашања и опасноста ОБСЕ да влезе во нова институционална криза.

„Климата на растечка недоверба, која доведе до отсуство на суштински дијалог меѓу земјите-учеснички, се заканува да го засени сето она што го постигнавме во текот на речиси половина век постоење. Република Србија, од своја страна, ќе продолжи да биде конструктивен партнер и дава целосен придонес во зајакнувањето на организацијата“, рече Дачиќ.

Како што вели, убеден е дека денеска сите заедно ќе покажат доволно мудрост и политичка волја за да се надмине сложената ситуација во која се наоѓа организацијата.

Првиот вицепремиер и министер за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, денеска во Скопје, каде се одржува 30. Министерски совет на ОБСЕ, изјави дека Косово никогаш нема да стане членка на таа организација.

Коментирајќи ги наводите дека Албанија побарала Косово да биде членка на ОБСЕ, Дачиќ рече дека, за среќа, одлуките во таа организација се носат со консензус.

„Косово никогаш нема да може да стане членка на ОБСЕ бидејќи Србија нема да се согласи со тоа“, рече Дачиќ.

Како што рече, денеска во Скопје многупати се споменуваше прашањето за територијалниот интегритет, но Србија не може да прифати дека територијалниот интегритет на Украина или која било друга земја е поважен од територијалниот интегритет на Србија.

„Лицемерно е некој овде да зборува за потребата од заштита на принципот на територијален интегритет и отворено да предлага кршење на принципот на територијален интегритет на Србија“, рече Дачиќ.

 

 

Back to top button
Close