Дамева по наводите дека сака незаконски да остане на чело на Судскиот совет: Факт е дека имаше прекин на мојот мандат
Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски на Фејсбук објави дека во понеделникот Судскиот совет одржал работен колегиум, затворен за јавноста, на кој била отворена расправа и донесен заклучок за, како што вели тој, противзаконско продолжување на мандатот на претседателката на Републичкиот судски совет
По информациите кои вчера и денеска беа објавени од дел од медиумите и од пратеници на владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека во Судскиот совет се разговарало за продолжување на мандатот на актуелната претседателка на ова тело, Весна Дамева, попладнево со соопштение до јавноста се огласи самата Дамева. Во него, таа вели дека согласно членот 8 став 2 од Законот за Судскиот совет, мандатот на претседателот на Советот трае две години, но, исто така, додава таа, неспорен е фактот дека нејзиниот бил прекинат од 26 април 2023 година, кога незакоски беше смената од функцијата, до 3 јануари 2024 година.
„Навистина изненадуваат толкувањата за некакво продолжување на мандатот надвор од утврдениот законски период од 2 години, при постоење на неспорен факт дека при извршување на истиот, постои прекин. Јавноста има право да знае за секоја донесена одлука на Судскиот совет, но во конкретниот случај, ниту е донесена одлука, ниту постои основ за донесување на истата бидејќи по истекот на мандатот на претседателот на Советот како точка на дневен ред задолжително како законски основ се констатира единствено престанок на мандатот“вели Дамева во соопштението.
Бидејќи во нејзиниот случај во два наврати беа донесени одлуки за разрешување од функцијата претседател на Советот, едната на 26 април лани и другата една недела подоцна, односно на 4 мај, Дамева вели оти сметала дека е потребно да се дефинира точниот датум до кој треба да биде на чело на Советот.
Иако за правното прашање, според неа, членовите на Советот имале свој став, сепак биле консултирани и правни експерти и еминетни стручни лица од областа на правото, кои, како што наведува Дамева , само го потврдиле ставот на мнозинството дека мандатот „треба фактички да се извршува две години“.
„На јавноста ѝ е добро познато дека функцијата претседател на Судскиот совет фактички не ја извршував две години, па од почит према јавноста и Вас, новинарите сметав за потребно да известам за овие околности, пласирани од поединци, на кои очигледно им пречи претседавањето на Судскиот совет од моја страна. Ова особено од причина што во изминатиот период во Судскиот совет, по сите предмети се постапува брзо и ажурно, а Советот бележи исклучителни резултати во насока на подобрување на состојбата, со цел имплементација на препораките на Оценската мисија на ЕУ. Лично сметам дека на граѓаните воопшто не им е важно кој е претседател на Судскиот совет, кое е внатрешно, интерно прашање на Советот, но многу им е важно дали претседателот ја извршува својата работа совесно, стручно и согласно закон и дали се постапува навремено и законито во врска со иницираните предмети, претставки и барања за утврдување на одговорност“,вели Дамева.
Реакцијата на претседателката на Судскиот совет доаѓа по информациите кои преку објава на Фејсбук во јавноста ги наведе пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, кој напиша дека Советот донел заклучок со кој сака да менува законска норма.
Имено, Милошоски објави дека во понеделникот Судскиот совет одржал работен колегиум, затворен за јавноста, на кој била отворена расправа за, како што вели тој, противзаконско продолжување на мандатот на претседателката на Републичкиот судски совет (РСС).
Тој посочува дека Весна Дамева за претседателка на Советот е назначена 5 декември 2022 година и мандатот треба да и заврши на 5 декември оваа година, бидејќи Законот за Судскиот совет вели дека мандатот на претседателот и неговиот заменик трае две години без право на повторен избор.
„Сега дел од членовите на РСС, заедно со Дамева, се обидуваат на претседателката на Судскиот совет да ѝ дадат бонус продолжување на мандатот од 8 месеци, како компензација за периодот во кој беше неделовнички разрешена од таа позиција во април 2023 година. Со 9 гласа ‘за’ бил усвоен ваков незаконски заклучок на затворениот колегиум во РСС на 25.11.2024. Овој заклучок е спротивен на член 8 од Законот за Суски совет, а истиот е и и без основа бидејќи со пресудата на Управниот суд од декември 2023 се поништи неделовничката одлука на РСС и со тоа истата не предизвикува правно дејство“напиша Милошоски на Фејсбук.
Дополнително, тој тврди дека „контраверзниот записник“ од колегиумот, не им бил доставен на членовите на Советот, кои гласале против.
„Судскиот совет наместо извор на право и судски стандарди стана создавач на неправо и политички клиентелизам. Со ваквото работење Дамева и нејзинината коалиција во РСС можат да успеат само во едно, и онаа ниска доверба од 2% да ја паднат на уште пониско ниво“вели Милошоски.
Вчера премиерот Христијан Мицкоски најави робусна борба со корумпирани обвинители и судии, откако беше прашан за коментар околу наводите за продолжување на мандатот на Дамева.
„Сè додека тие луѓе се присутни и во обвинителството и во судството, за жал, ние не можеме да одиме чекор напред во борбата со криминалот и корупцијата и сенките од минатото коишто се дел од тоа политичко мочуриште кое го зароби ги обвинителството и судството. И на секоја седница на Влада го добивам истиот одговор: ‘Да, доставено е’. Што значи дека имаме стотици случаи доставени до обвинителството. Дали вие сте слушнале освен тоа, кога на некој обвинител, кога треба да потпише налог за приведување или претрес, му се слошило, добил дијареја, со гушење, покачена температура, или добила итн. Секогаш тие наоѓаат некаков начин да ја опструираат акцијата на органите на прогонот. Јас сум жестоко разочаран од ова што се случува денеска, но, верувајте, нема да бидам уште долго, туку ќе влеземе во една робусна акција и ако треба со тие корумпирани судии и обвинители ќе се справиме и на поинаков начин“,изјави Мицкоски.