Дани Стојковиќ емотивно за Зоки Фаци: Носеше добро расположение и посебна живост. Но, зад тоа  стоеше човек со огромно срце

Две години откако Зоран Василевски – Зоки Фаци не е повеќе со нас низ разговори со негови блиски пријатели се присетуваме на неговото огромно срце и безгранична великодушност.

1.Поминаа речиси две години откако Зоки веќе не е со нас. Кога денес ќе се навратите на тој период и на времето поминато со него, како го паметите Зоки и што прво ви доаѓа во мислите кога ќе се сетите на него? 

– Кога ќе помислам на Зоки, прво ми доаѓа во мислите еден исклучително позитивен, духовит и добар човек, многу специфичен и поинаков од другите. Имаше огромно, искрено срце и посебна енергија. Најмногу го паметам по неговата добрина, хуманост и начинот на кој секогаш сакаше да им помогне на луѓето. Тоа се нешта што времето не може да ги избрише.

2. Кога би требало со неколку зборови да го опишете Зоки како човек, кои негови особини би ги издвоиле како највпечатливи и што беше тоа што најмногу го ценевте кај него? 

– Беше искрен, хуман, духовит и свој. Но, ако треба да издвојам една особина, тоа дефинитивно е неговата искреност. Зоки беше премногу искрен, секогаш отворено ти кажуваше што мисли и никогаш не се преправаше. Токму таа искреност и неговото големо срце најмногу ги ценев кај него.

3. Кој спомен со Зоки најчесто ви се враќа во мислите и кој, без разлика колку време ќе помине, знаете дека никогаш нема да го заборавите? 

– Имаме толку многу заеднички моменти што навистина ми е тешко да издвојам само еден. Се дружевме буквално до последната минута заедно. Можеби токму затоа најмногу ќе ги паметам тие обични, секојдневни моменти, разговорите, смеата и времето поминато еден со друг. Тие денес ми се највредните спомени.

4. Дали Зоки имаше некоја своја карактеристична реченица, шега, навика или начин на однесување по кое сите го препознававте и кој денес особено ви недостига?

– Кај Зоки сè беше специфично, неговиот хумор, начинот на зборување и начинот на кој знаеше да направи атмосфера. Имаше свој стил и едноставно не можеше да го помешаш со никого. Денес ми недостига токму тоа негово присуство, таа препознатлива енергија и начинот на кој знаеше и најобичниот момент да го направи посебен.

5. Што беше она што го правеше Зоки посебен човек во очите на луѓето кои го познаваа? Каква енергија носеше со себе кога ќе се појавеше во друштво и како влијаеше на луѓето околу него?

– Зоки имаше една посебна, позитивна енергија која веднаш се чувствуваше. Кога ќе се појавеше, носеше смеа, добро расположение и некоја посебна живост. Но, зад тој хумор стоеше човек со огромно срце. Знаеше да ги расположи луѓето, но и искрено да се грижи за нив.

6. Каков беше Зоки како пријател во моментите кога на некого му беше потребна помош, разговор или само присуство на близок човек? Дали се сеќавате на некоја ситуација во која неговата добрина особено ви останала во сеќавање?

– Како пријател беше човек на кој можеше да му се потпреш. Не беше од оние што само ќе ти кажат дека се тука, тој навистина беше тука кога ќе ти затребаше. Имаше искрена потреба да им помага на луѓето, во секој смисол на зборот. Токму неговата добрина и човечност се нешто што никогаш нема да го заборавам.

7. Кога ќе се сетите на времето поминато со Зоки, кои моменти од вашето дружење ви будат најмногу убави чувства и кои спомени би сакале засекогаш да ги зачувате?

– Најубави ми се токму оние наши секојдневни моменти кои тогаш изгледаа сосема обични. Нашето утринско кафе и бурек за доручек ни беа секојдневна рутина. Денес сфаќам колку биле вредни тие мали нешта. Би дала многу повторно да можам да седнам со него на тоа кафе и да помине уште едно такво обично утро.

8.  Кога денес ќе го слушнете името Зоки или ќе видите нешто што ве потсетува на него, која е првата слика, насмевка, ситуација или момент што ви се појавува во мислите?

– Прво го гледам него таков каков што беше, насмеан, позитивен и свој. Ми доаѓаат во мислите нашите разговори, шегите и сите оние моменти во кои едноставно уживавме во дружењето. Некогаш една ситница е доволна да ме врати во некој наш момент и тогаш истовремено и се насмевнувам и ми недостига.

9. Што е она што најмногу ви недостига кај Зоки откако повеќе не е со нас, неговиот глас, насмевката, разговорите, дружењето или можеби некоја негова особина или навика која само Вие особено ја паметите?

– Ми недостасува пред сè тој, како човек. Ми недостасува неговата искреност, неговиот хумор, неговото присуство и сите доблести што ги имаше. Ми недостига и начинот на кој ме сакаше и почитуваше на свој начин. Некои луѓе не можат да се заменат, а Зоки за мене е токму таков човек.

10. Доколку денес би имале можност повторно да седнете со Зоки, да разговарате со него и да му кажете сè што останало неискажано, што би му кажале и со какви зборови би сакале да му покажете колку ви значел?

– Искрено, ние сè си кажувавме. Разговаравме на сите теми и немавме потреба да премолчуваме многу нешта. Би му кажала само да не ги прима толку работите при срце. И би му кажала дека ми значеше многу повеќе отколку што можеби некогаш сум успеала да му покажам. И дека, без разлика што поминува времето, неговото место во мојот живот и во моите спомени ќе остане засекогаш.

 

Back to top button
Close