Делото „Галичник“ симнато од бугарскиот КИЦ во Скопје на барање на сликарот Илија Пенушлиски
На барање на познатиот македонски сликар Илија Пенушлиски, неговото дело „Галичник“ е симнато од поставката во бугарскиот Културно-информативен центар во Скопје и вратено во колекцијата на Ликовната колонија „Галичник“. Воедно, бугарскиот културен центар, на инсистирање на Пенушлиски, го избриша и неговото име, кое беше на излогот меѓу повеќето македонски и бугарски уметници кои се дел од изложбата „Заедно“. Според Франговска, македонскиот пејзаж, македонската традиција, бит, култура, преродба биле мотив за селекција на делата на десетте реномирани автори, меѓу кои и делото на почитуваниот Пенушлиски.
„Идејата на оваа изложба е да се слави уметноста и меѓукултурниот дијалог, да биде нешто кое нè поврзува, а не нè разединува. Ликовната колонија „Галичник“ е реномирана меѓународна ликовна манифестација со традиција од 33 години и го почитува интегритетот и индивидуалниот став на секој автор“, изјави Ана Франговска, претседателка на Ликовна колонија „Галичник“.
Ваквото повлекување на делото на Пенушлиски следи по неговата реакција дека сѐ додека бугарската политика не престане со примитивните и за нас болно навредливи посегнувања по сржта на нашето постоење, секоја „културна соработка” ќе биде травестија, вели Пенушлиски, кој дознал дека негова слика била изложена во Бугарскиот културен центар во Скопје.
„Се прашувам, која е смислата на оваа изложба? Кого таа го претставува? Во некој нормален свет една ваква изложба би била вообичаен пример за културна соработка меѓу два народа. Но, со оглед на зацементираниот бугарски став за непостоење на македонска нација, на македонски јазик, па од таму и на македонско сликарство и култура, одговорот се наметнува – за нив, Бугарите, изложбата не може да биде ништо друго освен изложба на дела од бугарски Бугари и македонски Бугари“, вели Пенушлиски.
Македонските дела во оваа поставка се сопственост на Ликовната колонија „Галичник“, која брои над 500 дела од меѓународно признати уметници од целиот свет. Новите простории на бугарскиот Културно-информативен центар во Скопје беа отворени под силно полициско обезбедување во присуство на министрите за култура на двете земји.