Демографска политика на дело во државните родилишта

Добро е што постојат социјалните мрежи да ни ја откриваат вистината кога државата сака да ја скрие. Деновиве излегоа фотографии од Гинеколошко-акушерската клиника во Скопје на кои се гледа дека новороденчиња за добредојде добиваат дотраена и скината бебешка облека. Тоа предизвика ерупција од незадоволство и реакции во јавноста која со право е згрозена од начинот на кој државата ги третира бебињата кои за првпат ја здогледуваат светлината на денот.

И вистина, дотаму ли е дојдена работата за едно бебе кое го почнува својот живот во државните родилишта да му биде облечена скината прва облека? Што стана со повиците за повеќе деца, со пораките дека нацијата старее и дека младите генерации треба да ја напуштат зоната на комфорот и да ги прошируваат своите семејства? Уште колку млади мајки биле запрепастени од таква недолична глетка и им било тешко дури и да се пожалат дома?

Се сеќавам дека токму минатата година ова време, поточно на 4 јули, претседателот на Владата Христијан Мицкоски одржа драматичен говор, како што рече, за една поинаква криза. „За една тивка, долготрајна, системска и глобална криза, а тоа е демографската рецесија“, рече тогаш премиерот. Рече и дека „додека некои држави ја забележуваат оваа појава како тренд, кај нас таа е аларм“.

Загриженоста е на место затоа што според последните податоци во 2024 година се родиле 16.061 деца, а починале 20.201 лица што е природен пад од 4.140 луѓе за само една година. Во последните четири години, Северна Македонија изгуби повеќе од 33.000 жители, односно како да исчезнал еден град со големина на Кавадарци или Кичево. Стапката на наталитет паднала од 12,5 проценти во 2010 година на само 8,8 во 2024. Во многу општини и села веќе нема ниту прво одделение.

Наталитетот страда од менталитетот

За таа тема се зборуваше тогаш а потоа како и многу други теми исчезна од јавниот простор. Владата божем се обврза дека нема да го премолчува проблемот, туку ќе се бори со него во градинките, во училиштата, во родилиштата. Се сеќавам и дека премиерот рече и дека целта е да се направи животот вреден, а мајчинството благослов наместо товар.

Но сликите што излегоа од главното државно родилиште во земјата, го покажаа спротивното. Изгледа наталитетот ни страда и од менталитетот. Политиката за поттикнување на проширување на семејствата, или останала на хартија или не била доволно ефикасна, штом државата штедела на бебешки наметки во родилните сали каде што одекнува првиот детски плач. Друг заклучок нема.

Можеби болницата имала само неколку примероци на дотраена и стара бебешка облека, па „заборавила“ да ги отстрани од магацинот, но од друга страна со право можеме да претпоставиме дека е тоа нивото и капацитетот на државното здравство. Што впрочем не е и ни за изненадување со оглед на тоа каква е состојбата во другите гранки од здравствениот систем.

Новороденчиња во родилиште. Две медицински лица во маски стојат покрај нив.
Родилиштето во ГАК во Скопје за време на пандемијата на Ковид-19Фотографија: Arbnora Memeti/DW

Децата кои го здогледуваат првпат светот на Гинеколошката клиника сѐ уште немаат свест за достоинство, но нивните мајки и татковци имаат и сигурно не им е пријатно да го видат своето најмило третирано на ваков начин од државата. Па не е оваа држава во војна та да заборави да ги поднови залихите од прва облека на новороденчињата кои нѝ доаѓаат на свет. Или уште полошо е ако и при распределбата на бебешката облека има селекција кому да се даде убава и нова облека а на чие бебе да се облече стара и износена.

Јавноста со право реагира дека државата повеќе се грижи за висината на платите и дневниците на функционерите, отколку за создавање на идни генерации и мерки за стимулирање на побројно потомство во младите семејства. Тешко е да се сфати како здравствените услуги паднаа на толку ниско ниво што го загрозуваат и човечкото достоинство.

Една слика илјада зборови

Неколку фирми и здруженија се јавија да донираат бебешка облека за државната клиника за гинекологија и акушерство, но тоа не е решение. Донациите се ад-хок мерки, додека грижата на државата треба да биде континуирана и со план за да не бидеме сведоци на друг таков срам како што се случи деновиве.

Загрижувачки е што државата најмногу ги игнорира оние кои не можат да се бранат. Како на пример и нашите сограѓани кои боледуваат од психички нарушувања и се сместени во болниците во Демир Хисар и Бардовци. И од таму излегоа хорор фотографии, кои поминаа без речиси никаква општествена реакција. Една слика илјада зборови. Министерството за здравство се подготвува за транзиција меѓу реконструираниот министер и новиот што ќе дојде на негово место, а оние на кои им е потребна најголема помош остануваат заборавени и на маргините на интересот на креаторите на политиките.

Оттука не треба да нѐ чуди и што нашите сограѓани со траен инвалидитет мораат на секое шест месеци да го докажуваат пред здравствените и социјалните власти за да добијат финансиска помош од државата, што пак им оди во прилог на здравствените комисии кај кои се одлеваат над 2 милиона евра годишно за хонорари.

Прирастот на населението е само еден дел од проблемот што го има С. Македонија, а кој е предизвикан од несоодветните политики. Младите нема да се загрижат ако владата им упатува апели да раѓаат деца, но средена и функционална држава може да ги инспирира да размислуваат за мајчинство и татковство. Како прв чекор нека биде инспекција на складиштата со бебешка облека и нивно осовременување.

 

Back to top button
Close