Денот на независноста во сенка на нов корупциски скандал и жестоки напади во Украина


Новиот корупциски скандал во најблиското опкружување на украинскиот претседател Володимир Зеленски добива сè поголеми размери. Антикорупциските тела во меѓувреме ги објавија имињата на лицата што ги сметаат за осомничени, меѓу кои е и поранешната заменичка-шефица на Претседателската канцеларија, Ирина Мудра, која Зеленски претходно ја разреши. Истражителите и натаму објавуваат инкриминирачки аудиоснимки од осомничените.

Украинското општество тешко ги поднесува ваквите случувања, истакнува новинарот Михаило Ткач од интернет-изданието „Украинска правда“ во нивниот подкаст.

„Им благодариме на антикорупциските тела НАБУ и САП за новиот обид нашиот државен систем да се ослободи од корумпираните политичари“, вели Ткач. „Граѓаните наутро ги слушаат снимките што ги објавува НАБУ, на кои се зборува за вреќи полни со готовина, а ноќе доживуваме нов руски ракетен напад.“

Според новинарот, јазот меѓу државната власт, нејзините преокупации и животот на обичните Украинци станува сè поголем. Особено шокантно за многумина е колку отворено и дрско функционерите што се слушаат на снимките зборуваат за корупцијата.

Во центарот на скандалот се наоѓа поранешниот министер за енергетика Херман Халушченко, кој беше притворен во февруари кога, и покрај истрагата за корупција што се водеше против него, се обидел да ја напушти земјата. Антикорупциските тела уште минатата година го обвинија за учество во проневера на повеќе од 110 милиони долари во енергетскиот сектор.

Новиот скандал сега се однесува на судски определената кауција од речиси три милиони евра, благодарение на која Халушченко пред неколку месеци беше пуштен од притвор. Според обвиненијата, парите потекнуваат од незаконски извори и биле „испрани“ преку една државна банка.

Опозицијата со директни обвинувања за перење пари

Некои опозициски политичари изнесуваат директни обвинувања и на сметка на претседателот Зеленски. Пратеникот Јарослав Железњак од опозициската партија „Холос“ истакна дека смета оти е точна верзијата за настаните што ја објави весникот „Џеркало тижња“.

„Халушченко по четири и пол месеци во притвор се заканил дека ќе ги разоткрие сите други актери. Потсетувам дека од офшор-сметките за кои станува збор, само десет милиони американски долари се водат на негово име. Кој располага со преостанатите 100 милиони – не е познато“, рече Железњак.

Според него, тоа предизвикало паника кај претседателот Зеленски, кој му наредил на шефот на својата канцеларија, Кирило Буданов, да најде пари за кауцијата на Халушченко. Претседателот Зеленски досега не се огласи во врска со новите обвинувања, поради што се наоѓа под жестоки критики од јавноста.

Во меѓувреме, премиерот Сергиј Корецки му наложи на Министерството за финансии да ја приватизира државната банка „Сенс“, а приходите од приватизацијата да бидат насочени за одбранбени расходи. Токму преку оваа банка, наводно, биле испрани парите од незаконски извори кои послужиле за кауцијата на поранешниот министер, при што антикорупциските тела истражуваат и високорангирани вработени во банката.

Back to top button
Close