Денови го делат Заев од оставката

Откако во коалицијата ќе бидат усогласени предлозите за идната влада, оставката на премиерот веднаш ќе биде доставена до Собранието“, велат извори од СДСМ.

    

Оставката на Зоран Заев ќе биде поднесена до крајот на неделата, велат од СДСМ

Премиерот Зоран Заев нема никаква намера да одолговлекува со најавената оставка и таа би требало да биде поднесена до крајот на неделата, тврдат извори блиски до премиерот во оставка.

Неформално го спомнуваат петок, иако не исклучуваат некој ден плус, бидејќи, како што велат, тоа не зависи од негово двоумење околу оставката, туку исклучиво од финиширањето на разговорите и консултациите со коалициските партнери околу новиот мандатар и предлозите на кадри кои треба бидат во новиот владин кабинет.

„Неговата одлука да поднесе оставка од премиерската функција е конечна и непроменлива. За жал, тој не остави никакви дилеми по тоа прашање“, велат нашите соговорници.

По средбата со сите коалициски партнери што се одржа еден ден по изборите, на која партнерите го повикале да не постапува емотивно и да не брза со оставката, особено во време кога имало сигнали за можна деблокада на бугарското вето, се проширија шпекулации дека премиерот ќе го одложи повлекувањето до средината или крајот на декември, што од Кабинетот на Заев вчера беше демантирано.

Иако во опозициските кругови доминира ставот дека е на повидок ново тактизирање и купување време од страна на Заев, извори од СДСМ тврдат дека оставката воопшто не е доведена во прашање.

„Ноќта по изборите, кога тој соопшти дека ќе поднесе оставка, и самиот напомена дека ‘ќе остане додека треба, за да помогне да се реорганизира нова Влада со прогресивно мнозинство кое го има и постои, а кое може да биде и уште зголемено’. Тоа е тоа што се реализира сега. И не е во прашање некој голем период, туку во прашање се денови. По заедничката средба со коалициските партнери, Заев започна и поединечни средби со секој од нив. Се прават интензивни консултации за нов мандатар, и за кадрите кои треба да раководат со ресорите на идната влада, а која треба да продолжи со реформскиот и интеграциски курс на земјата. Сите тие нешта треба да бидат усогласени и заеднички прифатени“, велат извори од СДСМ.

Политичка влада

Во моментов не се разговарало за непартиски/експертски решенија, бидејќи дел од коалициските партнери биле децидни во заложбата дека треба да функционира исклучиво политичка влада. Доколку поединечните консултации завршат според предвидената динамика, се очекува в петок партнерите повторно заедно да седнат на иста маса.

„Ако дотогаш во коалицијата бидат усогласени и потврдени предлозите за идната влада, оставката на премиерот веднаш ќе биде доставена до Собранието“, велат нашите соговорници.

Но, не исклучуваат дека е можно нивната проценка „да се измести“ за некој ден, со оглед дека процесот не е едноставен: предлогот за нов мандатартреба да биде усогласен со сите, а не е исклучено дека можеби треба да се решаваат и евентуални меѓупартнерски несогласувања околку одредени кадровски предлози или околу поделбата на ресорите, дополнително и за оние што би го рефлектирале евентуално зголеменото мнозинство, доколку деновиве тоа биде договорено.

„Со ова, премиерот во моментов има многу потешка и поодговорна обврска, во споредба со она што значи формализирање на најавената оставката – чин што неминовно ќе следи откако ќе се исцртаат контурите на новиот кабинет“, велат соговорниците.

Притоа демантираат дека новиот мандатар се бара меѓу имињата на министрите кои досега се вртеа во такви шпекулации, и не исклучуваат дека предлогот би можел да биде „изненадување“.

Неуспешно разубедување

Фактот дека Заев не отстапува од оставката, го илустрираат со неговото децидно одбивање да се предомисли, уште вечерта на 31-ви октомври, кога бил под енормно силен притисок на сопартијците да се откаже од таа намера. Откако им соопштил дека ќе поднесе двојна оставка, во штабот на СДСМ настанала вистинска драма: почнале жестоко да го разубедуваат, со став дека нема да му дозволат да се појави на прес-конференција со таква одлука, ниту дека ќе бидат присутни на неа. Ни поединечното, ни „хорското“ разубедување не дало резултати: Заев им најавил дека „и со нив, и без нив, ќе излезе на прес-конференција, и ќе ја соопшти неговата одлука за оставка од двете функции“.

Со оглед дека за одлуката претходно не ги информирал коалициските партнери, по прес-конференцијата прв гостин во штабот на СДСМ бил висок функционер на ДУИ. Од СДСМ сметаат дека Заев не ги информирал партнерите токму за да избегне притисок и разубедување, бидејќи бил цврсто решен да поднесе оставка.

Највената оставка на Заев вечерта на 31-ви октомври не ги вжештила само телефоните меѓу неговите коалициски партнери. Утрото на први ноември на „Илинденска“ број 2, фреквентно се јавувале и голем број високи претставници на меѓународната заедница.

Не се консултирал со никого

Дека Заев претходно не се консултирал за таа одлука, вчера потврди и неговиот коалицски партнер, лидерот на Беса, Биљал Касами.

„Заев не се консултираше со партнерите во коалицијата пред да каже јавно дека ќе даде оставка (…) Ние добивме мандат од граѓаните на изборите во 2020 година и имаме обврска да го продолжиме мандатот“, изјави тој за ТВ „21“.

Касами истакна дека очекува актуелното владино мнозинство да се зголеми со пратеници од опозицијата.

„Мислам дека тоа ќе се случи. Имаме силна поддршка од Вашингтон“, посочи лидерот на Беса.

Во опозицискиот блок, каде исто така најавија дека работат на формирање ново мнозинство, не веруваат дека власта ќе го окрупни мнозинството. Според Арбен Таравари, Генерален секретар на Алијанса за Албанците, „владата е брод кој тоне, а обично во такви ситуации, бродот што тоне сите го напуштаат“.

Извори од владејачкиот блок, пак, сметаат дека опозицијата во овој момент не е вистински заинтересирана ни за ново мнозинство, ни за брзи предвремени избори, бидејќи се надева дека најмногу ќе добие доколку справувањето со ковид и енергетска криза негативно се одразат на владејачката коалиција. Тврдат дека власта ќе преземе сѐ за успешно да се справи со тие предизвици. Во тој контекст најавуваат дека деновиве ќе следи и одлука поврзана со енергетската криза.

извор: ДВ  

Back to top button
Close