Деспотовски: Новите иницијативи во образованието ќе донесат повисоки плати и повеќе млади да останат во државата

Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Јован Деспотовски најави нови мерки за унапредување на концептот на дуално образование според потребите на компаниите и поддршка на иницијативата на Институтот за менаџмент и бизнис Хајлдеберг за воведување на германски модел на едукација во земјава. Тој на отворањето на панел дискусијата посветена на „Германското дуално образование и врската со бизнис секторот“, во рамките на „Балканска бизнис недела“ организирана од Институтот порача дека со новиот концепт на работа на ТИРЗ со таргетирани мерки и програми се надоврзува на концептот на дуално образование.

Овие мерки, нагласи тој, ќе донесат не само стабилни работни места, туку и повисоки плати за наши сограѓани, особено за младите што верувам дека ќе биде јасен мотив тие да останат во земјава и тука да ја градат својата иднина.

– Истовремено ја поддржуваме иницијативата на Хајделберг Институт за отворање на германска гимназија во Скопје. Можноста младите овде да учат по германски модел на едукација е огромен чекор напред кој ќе придонесе конкреирање стручни професионални кадри и ќе им обезбеди иднина овде. Очекувам тоа да прерасне во нова образовна институција која ќе биде дополнителен спој меѓу формалното македонско образование и потребите на компаниите во ТИРЗ за работните места кои им се неопходни, рече Деспотовски.

Тој најави и дека ТИРЗ развива нови мерки за отворање нови работни места како и обука за вработените со цел поттикнување на продуктивноста, што ќе доведе до повисоки плати.

– ТИРЗ веќе обезбедува 14.000 работни места за наши сограѓани, а според нашите проекции очекуваме овој број во наредните 3 години да се удвои. Само во моментов според постојните договори треба да се отворат дополнителни 7500 работни места, а во тек сме во преговори со уште 30 компании кои најавуваат можност за вработување на уште  5500, порача Деспотовски додавајќи дека целта е да им се обезбеди перспектива и иднина на младите овде, дома, а на инвеститорите да им се впокаже дека имаме вредни, квалификувани и квалитетни луѓе, во чиј развој оваа држава вложува и ќе вложува уште повеќе во иднина.

Back to top button
Close