Детето повредено во сообраќајката кај Рашче е стабилно, наскоро може да биде пуштено на домашно лекување
Четиригодишното дете што беше повредено во вчерашната сообраќајна несреќа кај Рашче е во стабилна состојба и наскоро може да биде пуштено на домашно лекување, изјави денеска за МИА директорот на Клиниката за детска хирургија во Скопје, Лазо Јовчевски.
„Детето е во стабилна општа состојба, не е витално загрозено. Од денеска се наоѓа на оддел, значи не е повеќе на интензивна нега. Очекувам наскоро да биде пуштено на домашно лекување. Вчера имаше интензивен мониторинг, денеска контролни по протокол, биохемиски параметри за споредба. Стабилно е“,вели Јовчевски во изјавата за МИА.
Од Основното јавно обвинителство Скопје денеска соопштија дека во автомобилот што вчера излета од патот кај Рашче и падна во Вардар патувало и дете кое било пронајдено надвор од возилото и пренесено на Клиника.
Детето, како што претходно информираа од МВР, било пронајдено од случајни минувачи.
Во меѓувреме, и натаму трае потрагата по четвртото лице што се наоѓало во автомобилот за време на несреќата.