ДИК има испланирани дејствија за изборите, бара протокол за нивно спроведување

Откако ќе го добие Решението за распишување на предвремените парламентарни избори од претседателот на Собранието, Државната изборна комисија (ДИК) ќе почне да го организира процесот со дејствија меѓу кои и ревидирање на Роковникот. Претседателот на ДИК Оливер Дерковски  смета дека новата вонредна состојба, која се очекува да биде прогласена утре, ќе трае само за да се интервенира за денот на гласањето во среда и потоа ќе продолжат дејствијата за изборниот процес.

-Техничките активности  веќе подолго време ги работиме. Имаме веќе испланирани дејствија за Роковникот и штом ќе престане вонредната сопстојба ќе одржиме седница на која ќе го усвоиме формално Роковникот со кој ќе се предвидат останатите дејствија до денот на изборите, изјави Дерковски за емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма.

Од здравствените власти очекува протокол кој ДИК ќе го преточи во упатства и инструкции до избирачките одбори. Иако било објавувано дека постои таков протокол, рече тој, до ДИК стигнал само мејл со општопознати препораки за гласање.

-Едно е препорака – незадолжителен документ, а друго е протокол или правилник од кој произлегуваат права, обврски и одговорности. Значи, ние бараме таков документ во кој точно и прецизно ќе бидат наведени одредени постапки. Во она што го добивме на две страници како препораки премногу воопштено се објаснува постапката. Впрочем, тоа е она што секојдневно го слушаме, а не прецизно објаснето како ќе се гласа кај лицата кои се, на пример, во карантин, како ќе гласаат тие на домашно лекување, во изолација… Треба точно да биде објаснето. Нашите избирачки одбори не се ниту епидемиолози, ниту инфектолози за да можат точно да знаат како да се однесуваат, рече претседателот на ДИК.

Проблем со кој ќе се соочат е како да обезбедат соодветни места за гласање кои ќе бидат пристапни и пространи за да се испочитуваат мерките за заштита и да нема ризик од ширење на вирусот. Веќе проверувале, рече, кои гласачки места може со решение да бидат заменети со поголеми простории кои ќе може полесно да се проветрат и за да се обезбеди дистанца на луѓето.

-Затоа што во одборите во еден момент присутни ќе бидат од 15 до 20 луѓе во цел ден. Се гледа и на пристапноста до местата, тие да бидат на приземје и на поотворен простор. Тоа ќе биде веројатно најголемиот предизвик – да се озбезбедат такви избирачки места. Најголема тешкотија ни е тоа што имаме над 700 места со договор за закуп од приватни сопственици. Тоа е сериозен проблем зашто тие места се секаде мали и со недоволно квадратура, недоволно пристапни и бараме начин да ги замениме, рече Дерковски.

Со  оглед дека изборите ќе бидат во лето, гласање може да има и на отворено, особено во места со мал број гласачи, но треба, рече тој, да се внимава на тајноста на гласањето, а во училиштата ќе бидат искористени ходниците и спортските сали, таму каде што ги има.

Back to top button
Close