Димни сигнали меѓу партиите во албанскиот блок
Димни сигнали, димна завеса или расфрлање магла? Како што двојните избори (претседателски и парламентарни) сѐ повеќе влегуваат во дневната агенда на партиите заради усогласување на датумот за нив, или за вклучување на член од опозицијата во ДИК, почнуваат и првите сигнали за позиционирање пред изборната трка.
Овојпат изненадувањето стигна од министер на владејачката Алијанса за Албанците. Во време кога неговата партија е во актуелно партнерство со ДУИ во Владата, тој на интегративците им порача дека е здраво да одат во опозиција.
„Треба да се ‘апдејтираат’ и да одат во опозиција”, порача министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, од редовите на Алијансата за Албанците, на ТВ 21.
„Треба да ја актуелизираат опозицијата, опозицијата е здрава“, изјави Алиу.
Без оглед што неговата партија и ДУИ се заедно во Владата, Алиу вели дека сепак се разгледуваат сите страни за одредени прашања.
Самите, пак, воопшто не се попишманиле што станале дел од Владата, но со оглед дека се вклучиле во последната година од мандатот, морале повеќе да се трудат.
„Пишман не, само требаше повеќе да се трудиме отколку ако имавме четиригодишен мандат“, рече Алиу.
Дали е искрена изјава или повеќе наменета за санирање на штетите за нарушениот некогашен опозиционерски имиџ, што претходно го имаше оваа партија? Извори во албанскиот блок велат со приближувањето на изборите, очекувано е партиите да користат реторика со која ќе обидат да си го рефрешираат имиџот, но оти во некои случаи тоа не може да се постигне само со зборови.
Кога АА ја напушти оската на опозиционерството и стана владин партнер на СДСМ и ДУИ, тогаш извори од партиите на Албанците тврдеа дека Алијанса добро знаела што ќе изгуби со тој чин кај гласачите. И затоа, наводно уште тогаш било договорено штетите од нарушената доверба да ги компензира со зајакнување на позициите – договор за изборна соработка со СДСМ и ДУИ (како европски фронт) на изборите во 2024 година. Иако тој фронт се спомнува секојдневно во контекст на ЕУ-интеграцијата и уставните измени, официјално сѐ уште нема детали дали и како ќе се формализира нивната соработка на следните избори.
Повик од опозицискиот блок
Има ли АА и друга опција? Според актуелни изјави од опозицијата, на оваа партија и се отворени вратите за приклучување кон здружениот опозициски фронт во кој се Демократско движење, Движењето Беса и Алтернатива. Изет Меџити, кој ја напушти ДУИ и во август стана лидер на новата партија Демократско движење, и ја критикува АА заради тоа што влегла во Владата и се претворила во патерица за спас на ДУИ, деновиве го повика раководството на Алијанса да се приклучи на опозициската борба за промена.
„Гласачите на Алијанса за Албанците се изградени врз наративот анти-ДУИ, против политиките на ДУИ овие 15 години, и мислам дека не се комотни во комбинација со ДУИ“, рече Меџити.
„Јас сум убеден дека ако останат со заеднички листи со ДУИ и ДПА, разочараните гласачи или ќе останат дома или дел од нив ќе гласаат за албанската опозиција, бидејќи го поддржуваат опозицискиот дух и знаејќи го ова, апелирам да ја разгледаат нивната позиција и да дојдат каде што им е местото, во албанската опозиција. Да направиме промена, да создадеме нов политички дух во Северна Македонија, бидејќи ќе биде здраво за демократијата, за процесите“, рече Меџити во интервју за „360 степени“.
Време за промена
Иако ДУИ во изминатите години врз основа на изборни резултати изгради ореол на партија што секогаш победува, лидерот на Демократско движење смета дека таа приказна е завршена.
„Ова што и се случува на ДУИ, не и се случило овие 20 години – секојдневните афери, корупциските афери, здравствените афери, неуспесите во сите ветувања. Нашата цел е оваа обединета опозиција да излезе со понуда и визија и мислам дека ова ќе биде предизвик на овие избори. Мислам дека ДУИ скршна од идеалот, скршна од програмата, нема што да им понуди веќе на граѓаните, и помина времето“, изјави тој.
Според него, од 2012 година конинурано растат гласовите за промени, а тоа што промените не се случиле досега го објаснува со суетите и поделбите во опозициските партии, кои во 2016 година не смогнале сила заедно да настапат на изборите.
Ова не е прв повик до АА да се приклучи на опозоцискиот блок. Засега повоздржан е лидерот на Алијанса, Арбен Таравари, кој неодамна го коментираше повикот на Фатмир Лимани од Движењето Беса – АА да се приклучи на опозицискиот фронт.
„Алијанса за Албанците е автономна и сериозна партија, одлуките ги носи во партиските структури, по анализите што ги прави и врз основа на волјата на членството. Во едно сум повеќе од сигурен, дека соработките не се прават со телевизиски дебати и јавни покани“, изјави Таравари. (DW)