Директорот на АНБ го обвини Ковачки за оддавање класифицирана информација

Станува збор за неодамнешната објава на Фејсбук на пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, во која тој обвини дека оперативци на АНБ биле во Прилеп истиот ден кога таму престојуваше и лидерот на партијата, Христијан Мицкоски. Во објавата имаше и фотографија од возило на АНБ
Директорот на АНБ посочи дека Агенцијата во врска со ова е во консултации со надлежните органи за кривично гонење и се надева оти овој случај ќе се заврши на оддавање класифицирана информација
Директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Виктор Димовски, во изјава за медиумите денеска ги отфрли како невистинити тврдењата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека е следена од Агенцијата.

„Предмет на интерес на Агенцијата во овие три години не била ниту една партија од политичката опозиција, ниту поединец“,

беше категоричен Димовски.

Во овој контекст, директорот на АНБ, без да споменува имиња, се осврна на неодамнешната објава на Фејсбук на пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, во која тој обвини дека оперативци на АНБ биле во Прилеп истиот ден кога таму престојуваше и лидерот на партијата, Христијан Мицкоски. Во објавата имаше и фотографија од возило на АНБ.

„Беше излезено во медиумите дека тројца оперативци на АНБ престојувале во Прилеп кога таму престојувал претседателот на главната опозициска партија, притоа на тој електронски медиум беше објавена фотографија на возило со делумно покриена регистрација и иницијали, односно малку повеќе од само иницијали на тројцата оперативци на АНБ. Тоа претставува оддавање класифицирана информација и тоа беше направено од припадник на таа политичка партија кој долги години бил во безбедносните структури и кој е сега заменик-претседател на оваа комисија (Комисија за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање н.з.)“,

рече Димовски.
Директорот на АНБ посочи дека во врска со ова, Агенцијата е во консултации со надлежните органи за кривично гонење и се надева оти овој случај ќе се заврши на оддавање класифицирана информација

Како што појасни Димовски, по извршените проверки било утврдено дека фотографијата од возилото ја направил и ја доставил до партијата поранешен припадник на поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК), инаку претходничка на АНБ, а сега припадник на Министерството за внатрешни работи.

„Констатиравме дека одредено лице, кое било поранешен припадник на УБК, а кое сега е припадник на МВР, го искористило моментот, го фотографирало возилото, го проследило на други нивоа кои искористиле да го објават. Иницирана е соодветна постапка, во МВР, Јавното обвинителство и веќе тече постапка и наскоро ќе излезат со информација зошто наведената структура го правела тоа“,

рече Димовски.
Инаку, ова беше втората точка на дневен ред на денешната седница на собраниската Комисија за надзор над работата на АНБ и АР, на која Димовски на негово барање сакаше да се произнесе, но не стигна поради инцидентот на собранискиот јутјуб-канал на кој протече дел од исказот на Димовски за случајот со Украинецот Олександр Онишченко.

Back to top button
Close