Додека Вашингтон го забрзува рударството, Македонија сè уште не го користи потенцијалот на Иловица

Критичните минерали стануваат прашање на економска и геостратешка политика. Во САД, и власта и опозицијата заеднички предложија законски измени со кои ќе се стимулира домашното производство на минерали како бакарот.

Македонија, пак, располага со значајни резерви токму од овој минерал, но повеќе од 40 години нема отворено нов рудник за металични суровини. Единствената поголема инвестиција во секторот е проектот „Иловица“, кој и понатаму е предмет на административни процедури, иако деталните истражувања потврдија околу 410 илјади тони бакар.

„Кинеската комунистичка партија има контрола врз градежните основи на модерната технолошка економија: критичните минерали. Пекинг доминира, со повеќе од 70% од глобалното рударство на ретки метали и речиси 90% од рафинирањето, и постојано ја користи оваа моќ како оружје. Пристапот до овие минерали е „суштински за националната и економската безбедност на САД“, се наведува во т.н. „Доминанс Акт“.

Актот веќе го помина првиот филтер, а беше поднесен од републиканецот Америш Бера и демократката Јанг Ким. Според нив, САД мора да го поттикнат домашното производство на минерали, но не можат сами да ја задоволат побарувачката на пазарот и побарувачката од сојузниците.

„Растот на рударството, преработката и производството во САД е неопходен чекор за враќање на индустриската конкурентност и безбедноста на синџирот на снабдување. Сепак, дури и со ревитализиран „домашен сектор“, САД мора да изградат робустен меѓународен екосистем независен од Кина. Со работа со доверливи сојузници и партнери за изградба на нови капацитети за рударство и преработка, развој на минерали и енергетска инфраструктура и поттикнување на силна побарувачка за минерали кои не се од Кина, можеме да обезбедиме отпорни синџири на снабдување кои ја поддржуваат нашата економија, ја зајакнуваат одбранбената индустриска база и ја спречуваат Комунистичката партија да го држи слободниот свет како заложник“, се наведува во текстот.

Во него се додава дека е потребно мобилизирање на техничките капацитети на САД за забрзување на стекнувањето на приоритетни минерали и синџири на снабдување со енергија во странство; зајакнување на соработката со сојузниците и партнерите за зајакнување на образовните програми, капацитетот за рударство, преработка и рафинирање на безбедни пазари; воспоставување стратешки партнерства за минерали и енергија преку проценки за споделување на товарот на ресурсите, развој на проекти и долгорочни договори за снабдување.

Актот доби поддршка од повеќе организации со експертиза за национална безбедност, рударство, технологија, енергетика и политика, вклучувајќи ги Советот за климатско лидерство, Институтот за прогресивна политика, Националното здружение на производители, Советот за индустрија за информатичка технологија, Центарот за стратегија за критични минерали и други.

Back to top button
Close