Додик најави дека Република Српска ќе се осамостои па ќе се обедини со Србија

Претседателот на Република Српска денеска во Долна Градина изјави дека минатиот век бил век на српските страдања, а дека овој век ќе биде век на српското обединување, истакнувајќи дека Република Српска има намера да се осамостои и да се обедини со Србија.

„Никој нема да не спречи во тоа, бидејќи тоа е наше право и наша историја… Државата е клучниот збор на нашата слобода и затоа сакаме јасно да кажеме дека не е илузија или закана за никого дека Република Српска ја изразува својата народна волја за формирање на својата држава, бидејќи не можеме да живееме во Босна и Херцеговина, која не пристиска и ги загрозува нашите слободи“, рече Додик, обраќајќи им се на присутните.

Тој оцени дека Србите „нема да опстојат на овие простори, доколку Република Српска не биде независна во наредните години“.

„Ќе ја направиме Република Српска држава во мир, без конфликти и војна. Не можеме да живееме во Босна и Херцеговина“, оцени Додик, додавајќи дека нема ништо против Бошњаците и Хрватите.

Додик понатаму рече дека Србите биле најголемите жртви во минатиот век, од Првата светска војна до војните што избувнаа за време на распадот на поранешна Југославија.

Back to top button
Close