ДОТЕРАНИ ДО ЅИД

                                                                             

 

м-р Глигор Стоименов

                            

Долго време не сум пишувал пред 2 август, нашиот најголем празник, иако тоа редовно го правев порано. Но овој пат некако не ме држи место, оваа ноќ, тука на една планина, во предвечерието на 2 август Илинден, би сакал да испратам неколку пораки.

Пред неколку месеци во Букурешт, на една меѓународна конференција еден Српски политичар, до скоро на висока функција  а сега само пратеник, ми вели  ,, Знаеш друже, оној кој е на власт а доволно не го потценил својот народ, е тој се заебал, да, да, народот мора добро да го потцениш“, буквално така ми кажа овој мудар и постар човек. Кога заврши оваа конференција се присетив на зборовите на човекот и долго размислував потоа, на крајот си реков колку е проклето во право. Сите оние приказни дека народот е “мудар“, “народот е секогаш во право“, “народот најдобро знае“, ма немаат врска, само ако добро размислите се е така,  зарем е поинаку, ајде да видиме?

Токму денес, во нашата Македонија, оние партии и политичари кои најмногу го потценија својот народ изминативе години, имаат најголем рејтинг кај истиот тој народ. Политичари кои под лажниот наратив за некаков патриотизам заработија многу пари, сега токму тие политичари повторно се нудат со иста приказна да заработат уште повеќе, а сите нас да не заглават во големи г…а, од кои пак ќе треба сите ние да ги вадиме од истите тие г…а. Па до кога вака? Поранешната “најбугарска“ и “најпатриотска“ политичката партија која највеќе го потценува својот народ, лажејќи го безобзирно дека ќе ја промени преговарачката рамка со ЕУ, дека некој ќе не бугаризира, ќе сме изгубеле идентитет, ќе ни ја украле историјата, партија која не попушта под “Бугарски диктат“, истата таа партија има најголем рејтинг и поддршка кај нашиот народ. Лидерот на таа партија вели “Донесени се до ѕид, немаат мнозинство и сега не знаат што да прават“. Абе сите сме донесени до ѕид. Цела држава е донесена до ѕид.

Повторно се присетувам на зборовите на оној политичар, дека народот мора добро да го потцениш, инаку си  се заебал.

Но во еден ваков историски момент да го лажете својот народ само за да се дограбите до власт, а при тоа да не се вградите ниту во една државотворна одлука како политичка партија, е за тоа нека им суди историјата. Но за волја на вистината мнозинството од нашите граѓани се убедени дека државотворна одлука овој пат е да се каже историско НЕ на Бугарија, при тоа исто така големо мнозинство од нашиот народ не разбира дека тоа е историско НЕ за нашиот пат кон ЕУ. Но дали со оваа државотворна одлука НЕ за ЕУ може да се живее? Секако дека може, ама како? Е со тоа прашање разочараната, излажана, малодушна и резигнирана македонска нација не се заморува. Како ќе биде понатаму и што следи господ знае, сега битно е на Бугарите да им кажеме НЕ, односно НЕ за “дволичната“ и “расипана“ ЕУ. За жал ова е мислечкиот дискурс на големо мнозинство од нашиот народ.

Но знаете, на крајот на краиштата и многу политичари кај нас сето ова го разбираат како легитимна политичка борба. Тоа е жално, но така е. Цената за сето ова безумие ќе си ја плати народот.  Тоа што не разбираат или не сакаат да разберат што значи за нашата земја продолжување на преговорите со ЕУ е трагично, но е факт. Целта (да се дојде на власт) ги оправдува средствата.

Но тука си поставувам едно прашање што прави владејачката партија  освен што чека “меѓународната“ да им помогне. Ако ја чекаат само меѓународната ништо нема да направат. Некако во слаба кондиција влегоа во овој процес мислејќи дека некој друг ќе ја заврши работата. На една страшна и брутална кампања со лажни информации во врска со уставните измени која се води во Македонија веќе цела година, што е на едно ниво на специјална војна, одговорот од друга страна е доста мек, со исти фрази, очаен пи-ар со она “Антизападниот Мицковски“, тоа не проаѓа. Требаше цела година низ јавниот простор да им се објаснува на граѓаните околу преговарачката рамка со ЕУ, тематски трибини и настап на медиумите само на оваа тема, да им се објаснува дека веќе не може Бугарија и да сака да не блокира понатаму, мораше многу поагресивна кампања затоа што на другата страна  оваа брутална војна против сопствениот народ ја водат “големи“ и истакнати наши интелектуалци, професори, политичари, сите заедно со една и единствена цел, како од цела оваа ситуација да бидат нешто во ќар? Често пати се прашувам зарем е можно овие луѓе да веруваат во сите овие глупости кои ги изнесуваат вака јавно пред сите нас, човече не ми се верува. Ај што не разбираат многу ама и тоа што го разбираат го лажат и вртат онака на најјако.

Пред некој ден во едно интервју на една емисија го гледав претседателот Пендаровски, гостин кај еден уредник, инаку опскурен и смешен новинар кој само тука кај нас може да биде уредник, патем ништо не разбира и му поставува прашање на претседателот околу Преговарачката рамка со ЕУ, со истите глупави констатации демек  зошто да се согласиме на Уставните измени кога Република Бугарија може кога сака пак да не блокира низ преговорите!  А Стево претседателот му вели, “да така е ќе не блокира тоа не може да го спречиме“! Па сега почитувани си се прашувате сами себе за што тоа ние објаснуваме цела година, зошто нашиот народ не сака да чита и да размислува, веќе мачно е истите работи да ги објаснувате, макар и упростено кога никој ништо не сака да разбере!

Нашиот народ треба да знае дека со усвојувањето на Преговарачката рамка од страна на ЕУ од минатата година наш единствен услов за продолжување на преговорите останува само вметнувањето на Бугарскиот народ во нашиот Устав заедно со другите народи кои се таму набројани. Не е точно дека Бугарија може кога сака да не блокира поради историските прашања. Овие историски прашања се предвидени во делот на добрососедски односи, кои се пак основен услов во рамките на Копенхашките критериуми. Тука спаѓаат пред се почитување на Договорот со Бугарија, тука е Преспанскиот договор, Охридскиот рамковен договор, итн. Наша обврска е историската комисија која е предвидена во Договорот со Бугарија да продолжи да работи и за тоа секако ќе има периодични извештаи но одлуките во историската комисија ќе се носат взаемно со наша согласност, а сето тоа е прецизирано во Протокол кој не е дел од Преговарачката рамка со ЕУ. Текот на преговорите по кластери и поглавја е само наша работа. Од нас самите веќе се зависи. Согласно новата методологија на преговарање секоја држава членка на ЕУ може да Ви го оспори  напредокот од некоја тематска единица на преговарање доколку така мисли и има аргументи за тоа, но за тоа сепак одлучува Европската комисија и Европскиот совет со квалифицирано мнозинство, нема вето за време на преговорите по кластери. Првото наредно вето Бугарија може да ни го стави по завршувањето на преговорите кога се бара согласност за прием од сите земји кандидати. Но тоа е тек за десетина години, кој знае какви политичари ќе бидат тогаш од Бугарска страна. Ова по кој знае кој пат го објаснуваме на луѓето ама како да не сакаат да слушаат, или пак веруваат во тоа што сакаат да веруваат, најмалку во аргументите и фактите.

Доста е за пред празник.

Нека Ви е среќен на сите овој 2 август, Илинден, убав одмор каде и да сте и Господ нека ни е на помош во времето пред нас.

 

 

Back to top button
Close