Дрон полн со експлозив влезе во Бугарија: Се урна во близина на важен гасовод

Дрон што носеше „значителна количина експлозив“ влезе во бугарскиот воздушен простор во саботата наутро и експлодираше недалеку од границата со Романија и Трансбалканскиот гасовод, а потоа се урна во поле, но немаше жртви, објави бугарскиот премиер Румен Радев.

„Дронот експлодираше во непосредна близина на граничниот премин Кардам со Романија“, во близина на Црното Море на североистокот на земјата и „1.000 метри“ од компресорска станица на Трансбалканскиот гасовод што ја поврзува Турција со Украина, рече Радев во видео објавено од владата на социјалните мрежи.

По итен состанок на владиниот совет за безбедност, тој рече дека „нема жртви“.

„Бучавата од дронот ја регистрираше граничната полиција во Романија“, а потоа патролата на бугарската гранична полиција слушна „силна експлозија и виде црн чад“, додаде бугарскиот премиер.

Според него, „едно е сигурно – дронот носел значителна количина експлозив, со оглед на тоа што се слушал од далечина и произведувал толку висок столб од црн чад. Се урна во поле со сончоглед и се надевам дека наскоро ќе откриеме од каков тип бил“, продолжи Радев, тврдејќи дека не станува збор за „рекреативен“, туку за „поголем дрон“.

 

Тој исто така рече дека дронот не бил откриен од ниту една од двете соседни земји.

„Како што знаете, идентификувањето и неутрализирањето на овие дронови е голем предизвик“.

Инцидентите со дронови се зголемија во последните месеци во земјите од Источна Европа, членки на НАТО кои ја поддржуваат Украина во нејзиниот конфликт со Русија.

Романија, која се соочува со чести упади на дронови од почетокот на големата руска инвазија на Украина во 2022 година, од кои некои се урнаа на нејзина територија, нареди нивна неутрализација кон крајот на јули

Back to top button
Close