ДУИ бара да се формира парламентарна комисија, со претставници на амбасадите, која ќе ја „истражува“ истрагата за трагедијата во Кочани

Парламентарната група на Европскиот фронт денеска официјално ќе побара формирање на посебна парламентарна комисија за истражување, како што велат, на селективниот и едностран пристап на правосудниот систем, кој е под контрола на Владата, во третманот на трагедијата во Кочани.

„Оваа комисија треба да се формира веднаш и да вклучи претставници на ОБСЕ, како и претставници од амбасадите на САД и на земјите-членки на Европската Унија во својство на набљудувачи, со цел да се обезбеди фер, независен и транспарентен истражен процес.

Селективната правда ја потресе секој граѓанин на оваа земја и создаде без преседан ситуација која ги загрозува темелите на правната држава и довербата на граѓаните во институциите.

Неодговорноста или политизацијата на правдата за тесно партиски цели не ги загрозува само основните права на граѓаните, туку и демократската стабилност и европската перспектива на земјата.

Парламентарната група на Европскиот фронт денеска ќе поднесе официјална иницијатива за ова прашање и очекува Собранието да дејствува со максимална одговорност и сериозност за да обезбеди независно, веродостојно и инклузивно истражување.

ДУИ останува непоколебена во својата посветеност на заштита на правата на граѓаните и зајакнување на правната држава во земјата, соопшти ДУИ.

Back to top button
Close