ДУИ: Поскапува меѓуградскиот транспорт, директно се погодени студентите и граѓаните што секојдневно патуваат

Демократската унија за интеграција (ДУИ) реагира на зголемувањето на цените на меѓуградскиот транспорт, што велат дека директно ги оптоварува граѓаните, особено студентите и вработените кои секојдневно патуваат од еден во друг град.

Според ДУИ, од Тетово до Скопје, билетот кој досега чинел 200 денари е зголемен на 250 денари, што претставува зголемување од 25 отсто по патување и е дополнително месечно оптоварување за студент или вработен кој секојдневно патува.

„Истовремено, според презентираните податоци, месечните трошоци за транспорт се зголемиле од околу 5 500 на 6 500 денари, што дополнително го зголемува притисокот врз семејните буџети“, се вели во денешното соопштение од ДУИ.

Оттаму прашуваат дали ова е политиката на „грижа за граѓанинот“ што ја нуди власта.

Сметаат дека наместо да се креираат политики за подостапен јавен транспорт и за поддршка на студентите и вработените кои секојдневно патуваат, граѓаните се соочуваат со сè повисоки цени.

Од ДУИ бараат од надлежните институции јавно да ги објаснат причините за ова зголемување и да преземат мерки за заштита на граѓаните, особено на студентите и категориите кои зависат од меѓуградскиот транспорт.

„Граѓаните не можат да бидат тие што ќе ја плаќаат сметката за секој неуспех на власта“, велат од ДУИ.

Извор: 360stepeni.mk 

Back to top button
Close