Двата „мораториуми“ на новата влада кои нема да успеат

Се сеќавате ли дека неодамна новата власт го прогласи невозможното – мораториум на етнички прашања? Нашата цел е да се справиме со криминалот и корупцијата а не да се занимаваме со етнички прашања, беше пораката на ВМРО-ДПМНЕ, откога ја освои власта, со помош на етничките прашања.

Потоа, таа го обележа раководството на ДУИ за носители на криминалот и, засега вербално, тргна во расчистување со нив лично. Со таквата постапка, го прекина дијалогот со оваа влијателна партија на етничките Албанци, прогласувајќи ги сите нивни политички барања, за обид да се спасат од затвор за сторениот криминал.

Патем, партијата на власт ја направи и една од најголемите грешки во политиката на демократските држави: раководство на партија да прогласиш за луѓе кои не претставуваат никого освен себеси. Гледате ли што деновиве се случува во најделикатната сфера на нашето живеење, меѓуетничката? И да е точно дека раководството на ДУИ е спремно да ги радикализира меѓуетничките односи за „да се спаси“, дијалогот за големите општествени теми мора да продолжи, а на спориот судски процес, власта треба внимателно да му го отвори патот кон правдата. Заканувачки тиради од врвот на државата со апсења само ја подгреваат атмосферата за меѓуетничка конфронтација.

Зашто, ако некој не се придржува строго кон демократското поведение, и другиот може тоа да го прави и да реши „да ги истури етниките џамлии“на сите страни.Тоа ни се случува деновиве на улица со знамиња, во школи со деца во војнички униформи, пред конзулати со корнење табли… Едно можеме со сигурност да констатираме: мораториумот на етничките теми во домашната политика не успеа зашто не е во моќта на било која власт да го „сопре“ животот, колку тој да не и се допаѓа.

Минатата недела премиерот Мицковски побара нов „мораториум“, овој пат во меѓународните односи. Тоа е нашата црвена линија и од неа не отстапуваме ниту милиметар, рече. Ако ЕУ сака да биде заложник на политики од средниот век ,мислејќи на бугарските политики, нека им е. Нас нека не остават да си ја завршиме домашната задача, онаа со копенхагенските критериуми, како ние ги разбираме. Така, новата власт побара уште поневозможен „мораториум“, овој пат во меѓународните односи. Тоа е како да побарате планетата Земја да престане да се врти за ние да слеземе и да се одмориме. Државите, особено малите, немаат таков избор: мораат да се вртат така како што се врти светот, ако сакаат да опстанат. Полека разбираме дека променетата геополитика на европскиот континент ни ја отрвора шансата за релативно брзо зачленување во ЕУ. Она што не го рабираме е дека истата геополитика налага како императив прилагодување на нашата влада на стратегијата на гоемите играчи.И тоа под нивни а не наши услови. Затоа, залудни се барањата „да не остават“ мирно да си ја пишуваме домашната задача. Такво нешто не постои во меѓународната политика. Таму постои само една проста и строга закономерност во односите меѓу државите: притисок и влијание, во обид да натераш некој да направи нешто што,инаку, не би го направил доброволно. Значи, нема мораториум на политичките процеси,а притисоците врз владата ќе продолжат. Политичатот е како жонглер кој мора да држи повеќе топки во воздухот и, згора на тоа, мора да се движи. Напред, по можност.

Денко Малески

Back to top button
Close