ДЗР: Слабости во планирањето, спроведувањето и реализацијата на јавните набавки во АД ЕСМ – Скопје
Државниот завод за ревизија изврши ревизија на усогласеност на јавните набавки во АД ЕСМ Скопје по кои во 2024 година преземени се обврски и изрази заклучок дека планирањето, спроведувањето на постапките за доделување на договорите за јавни набавки, како и реализацијата на склучените договори не се во согласност во сите материјални аспекти со применетата релевантна законска и подзаконска регулатива, планови и договори.

Со ревизијата е дадена и оценка за степенот на примена на начелата на кои се темелат јавните набавки при доделување на договори за јавни набавки со кои се обезбедува економично, ефикасно и ефективно користење на јавните средства,
конкуренција помеѓу економските оператори, транспарентност, еднаков третман на економските оператори и сразмерност на предметот на набавка, особено во однос на изборот, дефинирањето и примената на условите, барањата и критериумите.
Со ревизијата се опфатени 27 постапки за јавни набавки со реализација во 2024 година, од кои 2 се спроведени во 2022 година, 19 во 2023 година и 6 во 2024 година. По овие постапки во 2024 година се преземени обврски во вкупен износ од 8.858.194 илјади денари, односно 143.569.000 евра, што претставува 58,42% од вкупно преземените обврски кои подлежат на Законот за јавните набавки, во износ од 5.175.014 илјади денари.
При изборот на постапките опфатени со ревизијата се земени предвид нивната значајност и вредност, постапките опфатени со Извештајот за црвени знаменца за 2024 година на БЈН, постапките кои се предмет на постапување од други надлежни органи, како и постапките од јавен интерес.
Ревизорите утврдија слабости во планирањето на јавните набавки. Годишниот план за јавни набавки бил изготвен врз основа на податоци од претходно склучени договори, без соодветно истражување на пазарот и користење на дадената
законска можност за спроведување на технички дијалог, неосновано определување на проценетата вредност и недостаток на аналитички пристап при утврдување на потребите на друштвото. Иако донесено е упатство за начинот на спроведување на набавките, истото не содржи прецизни насоки за утврдување на потребите, количините и проценетата вредност.
Како последица на тоа, во текот на 2024 година биле донесени 19 одлуки за измени на Годишниот план за јавни набавки, што неповолно влијае на ефикасноста на постапките, планирањето на финансиските средства и роковите, транспарентноста и предвидливоста на истите.
Ревизорските анализи потврдија дел од состојбите од „Извештајот за црвени знаменца 2024 година‘‘ издаден од БЈН, кои меѓу другото се однесуваат на значителен број постапки со евидентирани измени и дополнувања на огласите и тендерската документација, поништени и обжалени постапки.
Дел од опфатените постапки се склучените договори со шест економски оператори кои претставуваат над 70% од вкупната вредност на склучените договорите во 2024 година, како и постапки со само една понуда. Овие состојби упатуваат на ограничена конкуренција, слабости во подготовката на документацијата, намалена транспарентност и
зголемен ризик од неекономично и неефикасно користење на јавните средства. Кај дел од поединечните постапки со ревизијата се утврдени одредени неправилности.
Во постапката со преговарање без објавување оглас за набавка на гасен мотор, не беше можно да се потврди оправданоста на повикувањето на крајна итност. Иако за набавката бил исплатен значителен дел од договорната вредност 153.283 илјади денари (2.484.300 евра) , моторот не бил ставен во функција и подолго време бил складиран без
обезбедени предуслови за користење, што упатува на преземање договорни обврски без обезбедени услови за негово инсталирање и оперативно користење.
Со ревизијата се утврдени набавки на стоки и услуги кои не се користени или не се целосно реализирани. Кај набавката на адитив, за која се платени средства во вкупен износ од 141.600 илјади денари (2.294.900 евра) најголемиот дел останал неискористен и му истекол рокот на употреба. Исто така, платени се 106.200 илјади денари (1.721,200 евра) за активности за дислокација на опрема што не е ставена во употреба. Ваквите состојби претставуваат финансиски загуби на друштвото, нерационално користење на јавни средства и негативно влијае на извршувањето на дејноста
Во 2022 година спроведена е постапка за јавна набавка на осигурителни услуги поделена на 10 дела, по што во 2023 година склучени се договори за 6 дела, со вкупна вредност од 355.486 илјади денари или приближно 5,8 милиони евра и рок на реализација од две години. Со анекси кон договорите за 3 дела, нивната вкупна вредност е зголемена за 68.204 илјади денари, иако Стручната комисија за истите дала мислење дека понудените цени не се пазарни, а проценетата вредност со измена и дополнување на Одлуката за јавна набавка била зголемена. Дополнително, пред истекот на договорите за овие три дела, нивното времетраење е продолжено. Исто така, во осигурителните полиси е наведен агент/брокер и друштво за застапување, иако посредувањето не било предвидено во тендерската документација, како и не е обезбедена документација со која би се потврдиле обемот и придобивките од ваквото посредување.
Во повеќе постапки утврдени се слабости во техничките спецификации и во условите за докажување способност. Техничките спецификации во одделни случаи се поставени на начин што може да упатува на конкретен дизајн, бренд или овластен производител, додека условите за докажување на финансиска способност и техничка и професионална способност, не секогаш се сразмерни со предметот на набавката.
Кај дел од постапките не е спроведена целосна и детална проверка на доказите за исполнување на условите , а кај испорачаните стоки и услуги во одредени случаи недостасува соодветна техничка, атестна и друга веродостојна документација. Постојат и случаи на прифаќање на суштински измени на технички карактеристики по извршена испорака, што го доведува во прашање еднаквиот третман на економските оператори и регуларноста на постапките.
Со ревизијата, исто така, утврдени се слабости при реализацијата на договорите. Во одделни случаи договорите се менувале со анекси без доволно уверливо образложение, а за одредени услуги не е обезбедена документација со која би се потврдила оправданоста и обемот на извршените активности. Дополнително, ревизорите утврдиле дека во 2024 година постои надминување на законскиот вредносен праг за набавки без спроведување постапка, кое изнесува 81.644 евра, што укажува на потреба од правилно толкување на одредбите од ЗЈН и воспоставување контрола при набавки под вредносниот праг.
Во извештајот од спроведената ревизија дадени се препораки, чија имплементацијата треба да придонесе кон поголема транспарентност, конкуренција, подобар квалитет на набавките, како и економично, ефикасно и ефективно користење на јавните средства во АД ЕСМ Скопје.






