Ќе има ли повисоки сметки од 1 јануари? Државата ќе купува струја за подолг период, РЕК Битола не е во добра кондиција

Министерката за енергетика и минерални суровини, Сања Божиновска истакна дека како Влада наследиле катастрофална состојба во енергетските компании и капацитети и ќе мора да враќаат долгови во следниот период.

– Се соочуваме со префрлени обврски од неодговорното однесување на претходниците. Изминатите три години не е платен ниту денар на име субвенционирана струја. Тоа што го гледавме на сметките дека Владата го покрива како трошок за електрична енергија за граѓаните не е платено. Сметката стигна сега – 60 милиони евра е долгот кон ЕВН во однос на ова што го имаме. Како држава изгубивме арбитража со ОКТА во износ од 24 милиони евра кои граѓаните допрва треба да ги платат. Од МЕПСО давани се донации во износ од 23 милиони денари на организации, фитнес клубови, здруженија, а при тоа се уште не е наплатен долгот од 14 милиони евра каде е инволвиран син на функционер на ДУИ. Дури 80 милиони евра е минусот на ЕСМ, а катастрофална е и состојбата во РЕК Битола каде производствената цена на електричната енергија беше 33 евра за мегават час во 2017 година, а сега е 133 евра, рече Божиновска.

Иако премиерот Мицкоски во интервју за „Канал 5“ рече дека Владата без проблеми ќе се справи со грејната сезона, Божиновска го потврди она што директорот на ЕСМ производство, Зоран Коњановски го кажа, дека капацитетите во РЕК Битола не се во најдобра кондиција. А тоа ќе значи и набавка на поскапа увозна струја.

– Ќе гледаме да набавиме на малку подолгорочен период, да не купуваме за мал период, цените на берза се околу 100 евра за мегават/час, следните седум дена ќе правиме енергетски биланс. Што се однесува за финансии, со премиерот дискутиравме да набавиме пари за да купиме струј и тоа ќе биде најверојатно финансирано преку домашните банки. Универзалниот снабдувач следната недела ќе ги достави своите потреби за следната година. Ние ќе видиме колку ЕСМ може да произведе од домашното производство – откри Божиновска.

Не е изграден, додаде, ни далекуводот со Албанија, а има 1,5 милиони евра провизија за неповлечени средства. Нема ни А од Александропули освен што имаме платено 2,5 милиони евра за закуп на капацитет.

– Ние сме многу среќни за отворањето на Александропули терминалот, За жал побарав извештај од ЕСМ, ЕСМ нема учество во сопственоста на терминалот иако било предвидено Номагас да се стекне со учество, но уште тоа не е реализирано. Предвидено е да учестуваме со 25% во гасната централа и тоа не се решило. Единствено што имаме е договор за користење на капацитет потпишан на 15 години и досега се платени 2,5 до 3 милиони евра. Тоа се пропаднати пари – истакна министерката.

Божиновска најави за проектот Чебрен нова физибилити студија, а потврди дека средствата за инвертер климите ќе се исплатат за две недели, бидејќи морало да се префлрат со ребалансот во новото министерство

Back to top button
Close