Едни на шетање, други на протест, на маса важни закони

Иако голем дел од граѓаните го споија празникот со претстојниот викенд, во главниот град сепак ќе се слушне синдикалниот глас. Денот на трудот ќе биде одбележан со протест што го организира Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) со неколку барања: минимална плата во висина од 500 евра, зголемување на сите други плати во државата за 100 евра, зголемување на платите на вработените во јавниот сектор за 12,6 отсто, согласно со Општиот колективен договор за јавниот сектор.

„Нема позначајно барање во историјата на синдикалното движење од барањето за достоинствена плата соодветна на трудот и на потребите на работниците и на граѓаните“, порача во јавни настапи претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) нема да учествува на денешниот протест.  

„Сакаме да ги решаваме проблемите низ дијалог. Сега велиме дека имаме добар социјален дијалог и затоа на ваков начин го одбележуваме Први Мај. Кога ќе почувствуваме дека ќе бидат загрозени нашите права или ќе бидеме дискриминирани, тогаш, бидете сигурни, нема да го чекаме 1 Мај, туку веднаш ќе излеземе на протест“, рече претседателот на КСС, Благоја Ралповски.

Бројките говорат

Опозициската СДСМ изрази цврста поддршка за протест организиран од ССМ.

„Тоа е борба за достоинство и правда, борба која ја поддржуваме безрезервно“, порача СДСМ, неведувајќи дека секогаш биле со работниците.

„Денес, сведоци сме на влада која ги игнорира потребите на работниците. Минималната плата стагнира, просечната плата не расте, а колективните договори не се почитуваат. Вработените во јавниот сектор се дискриминирани, дури и редовните плати не се исплаќаат навремено“, критикуваат социјалдемократите.

За разлика од СДСМ, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ веднаш започна со решителни и конкретни мерки – реплицираа од ВМРО-ДПМНЕ, посочувајќи ги спроведените мерки.

„Контрола на цените и маржите: Ограничени се трговските маржи и замрзнати цените на клучни прехранбени производи – нешто што СДС никогаш не го направи, бидејќи повеќе ги интересираа профитите на нивните картели отколку чинијата на граѓанинот. Зголемување на пензиите: За само 9 месеци пензиите се зголемени за 5.000 денари – без фискални трикови, без лажни ветувања. Поддршка за ранливите категории: Воведени се нови пакети помош за најзагрозените, со реални средства и без популистички фанфари“, наведоа од владејачката партија.

Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат и дека двоцифрена инфлација за која СДСМ се криела зад „геополитиката“, денес е 2,2%.

„Економијата почна да дише. Раст на БДП: Економскиот раст во последниот квартал достигна 3,2%. За споредба, за време на СДС ‘растот’ им беше само во криминалните тендери”, наведе во соопштение ВМРО-ДПМНЕ.

Раст на индустриското производство

Премиерот Христијан Мицкоски вчера на Фејсбук ја сподели инфoрмацијата што ја добил – дека има раст на индустриското производство за март од 5,2% на годишно ниво, споредено со март 2024 година. Но и дека има раст на индустриското прозводство на квартално ниво.

„Во првиот квартал од 2025 споредено со првиот квартал од 2024 година, индустриското производство порасна за 2%. Посебно радува фактот што расте преработувачката индустрија во Март за 4,8%, а во првиот квартал за 3,6%“, ги компарираше бројките Мицкоски.

За споредба наведе што наследила Владата.

„Во вториот квартал од 2024 година, индустриското производство паѓаше со -7%, а индустријата беше во тешка рецесија. Следеа два квартали на стабилизација и конечно имаме во првиот квартал од 2025 година раст на индустриското производство, во исклучително сложени услови за европската економија и автомобилската индустрија. Ова се солидни индикатори и инспирација да продолжиме со дисциплинирани и развојни економски политики“, оцени премиерот.

За подобар стандард

Битката за подобар стандард не запира. Во фокусот на интерес на јавноста е предлог на Закон за работно ангажирање на лица, за кој вчера расправаше собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика.

„Со новиот Закон за работно ангажирање на лица, односно за сезонско и привремено ангажирање, предложен од ВМРО-ДПМНЕ, а поддржан од повеќе парламентарни партии, конечно ставаме крај на долгогодишната пракса на неформално вработување – за првпат по повеќе од три децении“, образложи пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.

„Со законот овозможуваме флексибилност, со цел работодавачите да можат да пријават лица кои се ангажирани на периодична или сезонска работа, а работниците да ги уживаат сите законски права, вклучувајќи пензиски и здравствени придонеси. Ова креативно законско решение е од особена важност за сезонските работници во земјоделството, угостителството и сервисните дејности. Важно е и за студентите, за средношколците, за самовработените, за вработените, пензионерите, за земјоделците“, објасни Стојановски.

За овој предлог на закон одржана е јавна расправа, на кои биле прифатени забелешки од Управата за јавни приходи, Агенцијата за вработување, Министерството за економија и труд, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за образование, од експерти и невладини организации. Подобрувања има со вметнати преку 33 амандмани, кои дошле од различни партии.

Она што е значајно е дека лицата кои ќе бидат пријавени преку овој закон, нема да ги изгубат веќе стекнатите права – социјална помош, надоместок поради невработеност, семејна и старосна пензија, стипендија или право на редовно студирање.

„За непречено спроведување, ја прошируваме надлежноста на Агенцијата за вработување. Предвидено е воведување на дигитален регистар и современо софтверско решение што ќе овозможи пријавување на работници преку интернет – брзо и едноставно, за само неколку минути“, најави Стојановски.

Нови вработувања

На чекор до решенија за работа, а со тоа подигнување на нивниот, и на стандардот во здравството, е прва група од 300 лица лекари специјализанти, чии тестирања и интервјуа ќе завршат до крајот на идната недела. Потоа комисии ќе утврдуваат кои кандидати ги исполнуваат условите, по што квалификуваните ќе добијат решенија за работа. Постапката за другата група, со помалку од 300 специјализанти, се очекува да се спроведе кон крајот на годината – во ноември. Во исто време се работи и на решавање на работниот однос на сите што работатат со привремени договори во здравството.

И СДСМ вчера најави дека ќе предолжи мерки и законски решенија за подобрување на стандардот на граѓаните, но и целокупните состојби во земјата.

„Пратеничката група на СДСМ подготвува и специјален закон за обезбедување конкретна и директна поддршка за семејствата погодени од трагедијата во Кочани. Законот ќе биде поднесен во Собранието во текот на следната недела. Тој е изготвен според меѓународни искуства и добри практики од земји кои се соочиле со слични несреќи“, соопштија од СДСМ.

Објаснуваат дека со законот се предвидува финансиска и институционална помош за семејствата на настраданите, како и дополнителна поддршка за оние кои имаат повредени блиски. (Dw)

Back to top button
Close