Едно од повредените деца во пукањето во „Рибникар“ најверојатно ќе го продолжи лекувањето во Чикаго

Претставникот на Министерството за здравство на Србија, Мирсад Џерлек, најави дека во моментов се подготвува потребната документација за продолжување на лекувањето во Чикаго и дека државата ќе ги покрие сите трошоци

Момче, кое е меѓу ранетите во пукањето во белградското училиште „Владислав Рибникар“, а кое има сериозни повреди на вратот и на ‘рбетот, најверојатно ќе го продолжи своето лекување во Чикаго. Ова во изјава за РТС денеска го соопшти државниот секретар во српското Министерство за здравство, Мирсад Џерлек.

„Момчето кое моментално се наоѓа на Институтот за мајка и дете има сериозни компликации поради повреда на ‘рбетот и најверојатно ќе продолжи со лекување во Чикаго“изјави Џерлек.

Претставникот на Министерството за здравство најави дека во моментов се подготвува потребната документација за продолжување на лекувањето во Чикаго и дека државата ќе ги покрие сите трошоци.

Џерлек додаде дека единаесеттемина повредени од двата масовни оружени напади во белградското училиште, но и во околината на Младеновац сè уште се наоѓаат на болничко лекување. Во болницата во Земун, како што кажа, е сместен еден пациент со ортопедски проблеми, а другите деветмина се лекуваат во Ургентниот центар.

Неколкумина од пациентите, како што кажа, се во потешка состојба, но сите се надвор од животна опасност.

„Во најтешка состојба се пациентот (1997) кому му е изваден бубрег, а се очекува да му биде направена интервенција на крвните садови, како и пациентот (1972) со повреда на градниот кош, кој чека ортопедска операција. На девојката (2005), која се здоби со две прострелни рани, ѝ беше отстранет бубрегот, има повреда на црниот дроб и ѝ беше направена операција на дебелото црево. Најверојатно ќе ѝ бидат направени уште операции за да може да си оди дома“рече Џерлек.

За да закрепнат, додаде тој, на пациентите ќе им следува рехабилитација, а потребна ќе им биде и психолошка поддршка. Посочи дека државата ќе се обиде да обезбеди квалитетна здравствена заштита за сите што ги преживеале ваквите стресни ситуации, кои, како што кажа, никој не ги очекуваше.

Back to top button
Close