Џеф Безос во понеделникот станал побогат за 13 милијарди долари

Најбогатиот човек во светот, основачот на Амазон, Џеф Безос, постави нов рекорд во дневна заработка, зголемувајќи го своето богатство за 13 милијарди долари.

Безос сега поседува 189 милијарди долари, пишува „Гардијан“.

Безос значително го зголеми своето богатство за време на пандемијата на коронавирусот, бидејќи милиони луѓе кои останаа заробени во своите домови поради Ковид-19 од Амазон нарачуваат храна, облека, книги или други предмети за забава.

И покрај тоа што пандемијата на коронавирусот тешко погоди голем број компании и најверојатно ја предизвика една од најголемите економски кризи од Големата депресија во 1930-тите години , од почетокот на годината вредноста на акциите на Амазон се зголемија за 70 проценти.

Само во понеделникот нивната цена скокна за осум проценти, на рекордни 3.197 долари.

Безос, кој ја почна работата со Амазон од својата гаража во 1994 година, се уште поседува удел од 11 проценти во компанијата,  сопственоста врз компанијата за вселенско патување „Блу Ориџин“, како и на весникот „Вашингтон пост“.

Само од јануари личното богатство на Безос се зголеми за 74 милијарди долари.

Личното богатство на Безос е поголемо од пазарната вредност на гигантите како „Ексон мобиле“, „Најк“, „Мекдоналдс“ и други корпорации.

Богатството на основачот на Амазон го надминува бруто домашниот производ (БДП) на Унгарија и Украина, а наскоро би можел да го надмине БДП-то на земји, како Грција и Нов Зеланд, кои Светската банка ги рангираше како 51-та и 52-та најголема економија во светот, пренесува порталот Индекс.хр.

Неговата заработка од 13 милијарди американски долари е најголем еднодневен скок во нечија нето вредност откако Блумберг почна да ги следи дневните нивоа на богатство на најбогатите луѓе во светот во 2012 година.

Back to top button
Close