Емпатијата како последна одбрана на човештвото

Почитувани читатели,
Живееме во едно тешко, вознемирено и, би рекол, морбидно време, не само во нашата Македонија, туку и низ целиот свет. Време во кое интересот, како вечен предизвик на човештвото, сè почесто надвладува врз разумот, човечноста и достоинството.
Убеден сум дека секој човек на Земјината топка, без разлика каде живее, на кој народ му припаѓа или во какви околности се родил, има една иста длабока желба, а таа е да живее мирно, достоинствено, безбедно,  опкружен со своите најблиски, со своите сограѓани, роднини и пријатели.
Интересот нека постои. Интересот  е дел од човековата природа, од развојот на општествата и тој интерес мора конечно да го претвориме во нешто многу  пософистицирано, а тоа е заедничка човечка желба секој жител на планетата Земја да има право на достоинствен живот.
За мене, емпатијата е најсилниот столб врз кој може да се гради иднината, едно праведно и достоинствено општество, не само за нас луѓето, туку за сета  флора и  фауната како и целата планета која, за жал, човекот сè уште ја доживува како своја сопственост, наместо како заеднички дом.
Со години наназад, се водат две сериозни војни кои ја потресуваат светската јавност: Руско-украинската војна и Блискоисточната војна меѓу Израел, неговите соседи и Иран. Во нив, како и во многу други конфликти низ историјата, доминира еден суров двигател, а тоа е интересот.
Главниот порив за овие војни, според моето гледиште, се земјените енергетски и стратешки потенцијали: нафтата, природниот гас, металите и неметалите, кои со новите технолошки достигнувања заземаат сè поважно место во идниот развој на човештвото.
За жал, од војните најмногу страдаат обичните луѓе. Страдаат семејствата, децата, старите лица, градовите, селата, иднината на цели генерации, додека профитираат оние држави и центри на моќ кои, водени од личен, економски или државен интерес, таквите војни ги поддржуваат, директно или индиректно.
Вештачката интелигенција денес влегува во сите сфери од нашето живеење. Таа ни овозможува секој поединец да дојде до темелни информации за тоа каде се движи нашата планета, какви опасности ни се закануваат и какви можности ни стојат на располагање.
Во изминатите три до четири децении, пожарите низ светот беснеат со сè поголема жестина, особено во летните месеци. Ова зголемување на процентот на  пожари, според многу показатели поврзано е со глобалното затоплување, процес што ние како луѓе и цивилизација самите го забрзуваме правејќи го наша неминовност.
Повеќе од јасно е дека меѓу главните извори на ваквото забрзано затоплување се токму фосилните енергенси, како што се нафтата, јагленот и природниот гас. Замислете која иронија и  трагедијата на човештвото! Производите што ни донесоа индустриски развој, истовремено стануваат и еден од факторите што го загрозуваат животот на планетата Земја.
Ние луѓето, кои се сметаме за најразумни суштества, сами си ја убрзавме сопствената пропаст.
Прашањето е,  дали конечно ќе станеме свесни дека иднината на нашите поколенија ја креираме денес? Дали ќе дозволиме тие да наследат свет на пожари, војни, суши, миграции и страв? Не смееме да дозволиме интересот да преовладува, особено кога е во прашање нашиот заеднички опстанок.
Преку вештачката интелигенција и современите информации разбрав дека светот веќе има алтернатива за замена на нафтата и природниот гас, како доминантни енергетски ресурси. Таа алтернатива е богатата сончева енергија, која денес може многу повеќе да се користи, особено во големите пустински простори на Земјината топка, какви што се  Сахара, Арапскиот Полуостров, Тибет и други големи сончеви региони низ светот.
Таквите проекти се скапи и бараат огромни инвестициски вложувања. Но светот денес ги има тие средства. Прашањето не е дали се има пари, туку каде ги насочуваме. Наместо државите да издвојуваат огромни финансиски средства за вооружување, војни и подготовка за идни конфликти, тие средства треба да се насочат кон изградба на супер модерни, безбедни и чисти енергетски системи.
Сончевите електрани, новите технологии и чистата енергија можат да обезбедат посигурна иднина за човештвото, но за тоа е потребна политичка волја, светска солидарност и, пред сè, емпатија.
Почитувани читатели, ова е мој личен поглед кон реалноста во која се движи денешната светска цивилизација. Немам моќ сам да ги променам нештата, но имам желба да испратам порака до севкупната светска заедница, а таа е дека  интересот не смее да биде над нашиот животен, човечки и цивилизациски опстанок.
Мојата порака до големите сили и моќните финансиски држави е едноставна: ,,Придонесувајте за вечен опстанок на човекот на Земјината топка”.
За жал,  емпатијата на нашиот Балкан како да е закопана. Не умееме да разбереме дека сите балкански држави имаат прекрасна местоположба, богата историја, природни убавини, културно наследство и огромен потенцијал за заедничка иднина.
Денес Балканот се соочува со масовно заминување на младата и репродуктивна популација. Тоа не е реалност само во Македонија, туку и во целиот регион. Младите си заминуваат во потрага по достоинствен живот, сигурност и можност да создадат иднина.
Целиот Балкан сè повеќе наликува на регион во кој доминира повозрасно население, додека младите, образованите и работоспособните луѓе ја бараат својата шанса надвор од своите родни земји. Таквата иднина е многу тажна и предупредувачка.
Сакам јасно да поентирам. Од емпатијата се создава љубов кон сè што природата ни го дала. Љубов кон човекот, кон татковината, кон соседот, кон животот. Интересот, кога е лишен од морал, има спротивно значење. Тој создава омраза, љубомора, поделби и непријателства, кои претставуваат погрдна нишка во нашиот општествен развој.
Нашата Македонија има сериозни проблеми со своите соседи, особено со Грција и Бугарија. Тоа се прашања поврзани со името, идентитетот и македонската национална посебност. Но основното прашање ми е зошто дозволуваме историјата, која најчесто ја пишувале победниците, да се користи за градење омраза меѓу балканските народи и држави?
Денес нашата Македонија е закочена во евроинтегративниот процес, поради барањето на соседна Бугарија, Бугарите да бидат внесени во Уставот на нашата држава, додека истовремено се негира македонската национална посебност, јазикот, културата, традицијата и наследството.
Според моето мислење,  самата Европска Унија носи дел од вината за ваквиот однос. ЕУ, која се декларира како најсовремена демократска заедница, мора да покаже поголема принципиелност, достоинство и разбирање кога станува збор за Македонија и Македонците.
Не е достоинствено една земја членка на ЕУ да се меша во внатрешните работи на друга држава и преку блокади да ја условува нејзината иднина. Ако Македонија мора да го менува својот Устав за внесување на Бугарите во него, тогаш и Бугарија треба да покаже реципроцитет и да го признае македонското малцинство кое живее на нејзина територија.
Тоа би бил единствениот достоинствен начин за градење заедничка европска иднина. Не со уцени, не со понижувања, не со негирања, туку со заемна почит, разбирање и европски вредности.
Овој спор со соседна Бугарија силно се пресели и на социјалните мрежи, каде сè почесто нескриено се гради омраза меѓу двата народа. Тоа може да остави трајни последици врз нашата заедничка иднина. Омразата што денес се сее лесно може утре да стане ѕид меѓу генерациите.
Македонија важи за мала и економски ранлива држава на Балканот и во Европа. Но малата држава не значи мала достоинственост. Напротив, токму малите народи најдобро знаат што значи неправда, притисок и борба за сопствен идентитет.
Мојата порака до премиерот господин Мицкоски е следна: Почитуван премиер, огласете се јасно во јавноста и на социјалните мрежи. Повикајте барем од наша, македонска страна, да не се сее омраза кон соседна Бугарија и кон бугарскиот народ. Да покажеме дека Македонија не сака непријателство, туку достоинство
Останете доследни на ставот дека Уставот на Република Македонија не треба да се менува под притисок и уцена. Истовремено покажете дека Македонија е држава во која владее емпатија, добрососедство и почит кон секој жител, без разлика на неговата национална, верска или културна припадност.
Убеден сум дека Европската Унија и нашите соседи ќе мора да разберат дека ние не сакаме омраза, не сакаме љубомора, ниту нови историски рани. Ние сакаме заеднички интерес за сите жители на Балканот, а тоа е интерес заснован на мир, достоинство, правда и меѓусебна почит.
На крајот, човештвото мора да избере, дали ќе продолжи да живее според суровиот закон на интересот или ќе изгради нова цивилизација врз темелите на емпатијата.
Емпатијата не е слабост. Таа е највисок степен на човечка зрелост. Таа е доказ дека човекот не е создаден само да освојува, троши и владее, туку и да разбира, сочувствува и создава подобар свет.
Ако војните се раѓаат од интерес, мирот може да се роди само од емпатија.
Затоа, мојата порака е едноставна и човечка:
Да ја вратиме емпатијата во семејството, во општеството, во политиката, во Балканот и во светот. Зашто без емпатија нема достоинство, б ез достоинство нема мир, а без мир нема иднина за човекот на планетата Земја.

Back to top button
Close