Еуроњуз: Орбан го зајакнува своето влијание на Балканот со купување на националистички медиуми во Северна Македонија
Со стратешкото стекнување на клучни ТВ канали и информативни портали, Будимпешта веќе влијае на јавниот дискурс во Северна Македонија, пишува сервисот Еуроњуз, додавајќи дека со поддршка на нелибералниот владин модел и финансирање на националистичките медиуми, Орбан го консолидира своето долгорочно влијание на Балканот.
Во последниве години, проширувањето на унгарските медиумски интереси во Северна Македонија, кои се контролирани од бизнисмени поврзани со унгарскиот премиер Виктор Орбан, станува сè поочигледно, пишува Димитар Керанов, експерт во Германскиот Маршалов фонд, евроатлантски тинк-тенк.
Со стратешкото стекнување на клучните телевизиски канали и портали за вести, влијанието на Будимпешта сега проникнува во јавниот дискурс на земјата. Двајца директори на медиумите, Петер Шац и Агнес Адамик, организираа купување на значајни медиуми, меѓу кои ТВ Алфа, Република, Курир, Лидер, Денешен, Економски, Вистина и НетПрес, вели Керанов.
„Заедничко им е тоа што сите се усогласуваат со владејачката нелиберална и националистичка партија ВМРО-ДПМНЕ и нејзините лидери, вклучително и премиерот Христијан Мицкоски“ додава тој.
Истрагите открија дека каналите кои се пријателски на ВМРО-ДПМНЕ добивале и индиректна финансиска поддршка од унгарски бизниси преку реклами. Оваа финансиска поддршка помогна да се одржат медиумските мрежи усогласени со Никола Груевски, кој побегна во Будимпешта во 2018 година за да избегне пресуда за корупција и оттогаш останува таму под заштита на Виктор Орбан, се наведува во текстот на Еуроњуз.
Другите неодамнешни случувања, исто така, ја истакнаа зголемената посветеност на Унгарија кон Северна Македонија, пишува аналитичарот на GMF. Владата од Будимпешта лани му даде на Скопје заем од 500 милиони долари, кој беше префрлен од заемот од 1 милијарда евра што неодамна го доби од Кина.
„Како што Северна Македонија водена од сегашната влада, се оддалечува од патот кон членство во ЕУ, таа се повеќе се усогласува со блокот што ги вклучува и Кина, Унгарија, Русија и Србија. Со поддршка на нелиберален владин модел, финансирање на националистички медиуми и заштита на политичките сојузници како Груевски и Мицкоски, Орбан го консолидира своето долгорочно влијание на Балканот, заклучува Керанов.