Eуростандард банка – институции

Во денешниов мој текст ќе посветам посебно внимание на  проблематичното функционирање на институциите во Република Македонија, поврзани со стечајот на Еуростандард банка ставајќи акцент врз МВР, Судството, Обвинителството и Народна банка.

Во склоп на Министерството за внатрешни работи, функционира посебно одделение за криминал и организиран криминал. Во склоп на Владата на РМ постојат и посебни тела кои треба да се справат со перењето на пари во банкарскиот систем. Не сум во состојба да ги анализирам успесите или неуспесите на овие институции пред доаѓањето на Социјал демократскиот сојуз на власт во 2016 година. МВР веќе 5 години е водена од Министерот Оливер Спасовски, кој многу чест го прозивам да даде одговор на прашањето зошто како Технички Премиер на Владата во 2020 година носи две контраверзни Уредби со сила на закон и тоа првата Уредба објавена во Службен весник на 24 март 2020, гласи дека нема да има минимум три месеци носење во стечај на ниту еден правен субјект после завршувањето на вонредната состојба предизвикана од пандемијата Ковид-19. Со иста таква уредба на Техничката Влада, но, овој пат објавена во Службен весник на 29 Мај 2020 година забраната за носење на правно лице во стечај се суспендира, а тоа практично значи стечај веднаш. Стечајот беше објавен на 12 Август 2020 година, после тукушто завршените Парламентарни избори, со сеуште неформирани Парламент и Влада. Заклучувам дека морало да постои причина за ваквиот чин на Техничката Влада со носењето на контраверзните уредби, бидејќи единствен правен субјект кој отиде во стечај после завршувањето на вонредната состојба беше Еуростандард банка.

Неизбежно е да ги споменам, како дел од ланецот на „необичните случувања“ пред стечајот на Еуростандард банка, министерката за финансии Ангеловска, која ги повлече парите од Еуростандард банка во 2019 година, а во истата година на 02.09.2019 сопствените средства ги повлекол и актуелниот стечаен управник на Еуростандард банка, Душко Тодески. Видливо е дека клучни играчи од тогашната Влада и денешниот Стечаен Управник, ги повлекуваат парите од банката. Дали има сомнеж дека ова е организирана постапка за уништување на Еуростандард банка? Во самото работење Агенцијата за перење пари покажуваше арогантност кон Еуростандард банка. Не сакам да ги оценувам искуството и знаењето на првиот човек на оваа агенција Трендафилов, од кого за време на целиот процес на комуникација избиваше ароганцијата.

Велат „рибата од глава смрди“, ако главата е првиот човек на МВР, тогаш објективно неможам да очекувам МВР да ги реши или ги штити моите интереси.

Вториот сегмент се институциите со обвинителство и судство. Веќе 16 месеци водиме постапки пред сите судски инстанци и за жал констатираме дека ниту една наша тужба не е прифатена и на секоја наша жалба ни се одговара со вообичаениот одговор „вашата жалба се отфрла“, со клишеизирани изговори. Обвинителството кое ја води истрагата веќе 18 месеци нема никаков исчекор во поглед именувањето и покренувањето постапки против вистинските сторители на ова злодело. По официјалните документи на ова обвинителство јас сум осомничен, само незнам зошто! А убеден сум дека тие во Обвинителството знаат зошто. Веќе по трет пат Кривичниот суд на РМ ми ја одбива мојата жалба за ослободување на замрзнатиот мој личен имот. Сите отфрлени жалби се со единствен аргумент дека се води истрага. Неколкупати барав средба со главниот Обвинител Јовески, токму на темата поврзана со предметот што ова обвинителство го води. За жал Јавниот Обвинител и неговите тела се ставени во изолација за евентуална комуникација со мене.

Го констатирам она што на секој граѓанин во РМ му е јасно – дека судството и Обвинителството, најсилните столбови за правниот поредок во државата се политизирани и секогаш се вртат кон потребите на владеачките партии од власта, според принципот на сончогледот, како што забележува древната мудрост.

Третата и најбитна институција која треба не само да го регулира банкарскиот систем во РМ, туку и да ја прати севкупната монетарна политика и стабилност  е Народна банка. Народна банка дефакто стана егзекуторот на Еуростандард банка. Пропусти кои таа ги направи пред носењето на Еуростандард банка во стечај се следните, говорам за стопанско-политичка состојба и второ за алатки кои Народна банка ги има на располагање.

  1. Стопанско-политичка состојба: Република Македонија беше во вонредна состојба предизвикана од пандемијата Ковид-19 во првата половина на 2020 година, вкупно 97 дена. За време на вонредната состојба Еуростандард банка е докапитализирана за 11 милиони евра, ама истовремено важи забраната на Еуростандард банка издадена од Народна банка за работа со правни и физички лица. Истовремено со одлука на Владата во деновите на вонредна состојба, вкупно 97 дена, на Еуростандард банка ѝ беше одземено правото на присилна наплата на побарувања. Госпоѓата Бежоска одлучува да ја носи Еуростандард банка во стечај во период кога немаме Собрание на РМ и кога немаме Влада на РМ. За секој чесен човек носењето во стечај на банка може да се толкува само како тенденциозно.
  2. Алатките кои што ги имаше Народна банка на користење се следниве: Редовни мерки , вонредни мерки, администрација и стечај. Во случајот со Еуростандард банка беше користена само првата алатак, редовни мерки, втората алатк беше користена делумно, бидејќи вонредните мерки наложуваат казни и одземање на лиценци  на членови во Управниот и Надзорниот одбор во банката. Такво нешто не се случи, ниту е изречена казна, ниту е одземена лиценца. Третата алатка администрација, беше прескокната. Прескокнувањето на администрацијата од страна на Народна банка како  можност за спас на банката, не јас туку меѓународни експерти го оценуваат како непримерно некористење на процедурите во Народна банка. Воведување на администрација во банка е чин  предвиден во Законот за банки и треба да се применува во слуичај кога треба да се спаси банкарскиот систем.

Потенцијалниот купец на банката, кој со месеци тропаше на вратата на Народна банка за средба и договор со Народна банка околу преземањето на Еуростандард банка не беше удостоен. Го изгуби трпението и даде дедлајн на Народна банка да го примат на разговор најкасно до 14 августгуст 2020 година. Заклучувам дека Гувернерот на Народна банка , Госпоѓата Анита Бежоска доколку сакала да ѝ помогне на банката, најпрво ќе го удостоеше потенцијалниот купец кој беше детално проверен од Народна банка за неговите финансиски можности и прифатлив како можен купец. Второ, ќе ги почитуваше алатките кои стоеа на располагање, како посебни вонредни мерки и администрација. Таа тоа не го стори. Со закон нејзината обврска беше да го штити банкарскиот систем во Македонија, а не да го уништува. Жално е што денеска Обвинителството сѐ уште работи на основа извештајот од Народна банка направен за стечајот на Еуростандард  банка. Народна банка беше егзекутор во името на Анита Бежоска, меѓутоа многу побитно е за мене и целата јавност кој е нарачателот?

Се надевам дека времето и моето здравје ќе бидат трпеливи да дојдам до вистината. А вистината секогаш излегува на виделина, па колку и да е не мила и не посакувана.

Tрифун Костовски

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close