Еуростандард банка – Комерцијална банка по втор пат.

Во периодот кој што измина после стечајот на Еуростандард банака, и приватната истрага која што јас ја водам околу самиот стечај и причините кои доведоа до него, несомнено ме водат до заклучок, а тоа во блиска иднина ќе биде обзнането, дека Комерцијална банка на чело со постоечкиот Управен одбор станува соучесник во носењето на банката во стечај заедно со Управниот одбор на Еуростандард банка, предводен од двоецот Петкоски-Николовски и раководниот кадар на секторот за кредитирање во Еуростандард банка на чело со директорот Небојша Богатиновски. На основа сите мои колумни кои ги пишувам за стечајот на Еуростандард банка каде соучесници се појавуваат Техничката Влада на Оливер Спасовски, егзекуторор Народна банка, доаѓам до заклучокот дека наредбодавателот е токму Комерцијална банка на чело со Управниот одбор Костов-Иљоски.

На моите колумни и објави околу стечајот на Еуростандард банка, во два наврати реагира Комерцијална банка, обвинувајќи ме дека ја замајувам јавноста и лажам. Ниту ја замајувам јавноста, ниту лажам. Пред мене и со мене се фактите и аргументите кои укажуваат токму на Комерцијална банка. Истрагата за стечајот на Еуростандард банка и сите незаконски деанија се при крај и ќе бидат обзнанети во многу блиска иднина, за што сум убеден дека целата јавност ќе биде фрапирана.

Актуелниот Управен одбор на Комерцијална банка предводен од двоецот Костов-Иљоски веќе децении наназад работи во платниот промет спротивно на Законот за банки. Ваквите  незаконски дејности на Комерцијална банка ми ги открија тимот на истражувачи кои работат на стечајот на Еуростандард банка. Бидете убедени дека располагам со официјална и оригинална документација за сите овие незаконски дејствија.  Сивата еминенција во Македонија која јас ја препознавам во Комерцијална банка и нејзините први луѓе е веќе вознемирена. Ваквите реакции од страна на Комерцијална банка и нејзиниот Управен одбор уште повеќе ја покажуваат нивната инволвираност во стечајот на Еуростандард банка. Материјалот кој се изготвува околу оваа истрага е на илјадници страници, во кој детално се покажуваат сите незаконски трансакции во банкарството во оваа сѐ уште незавршена транзиција во Република Македонија, каде наголемо се купуваат акции, имоти и фирми со средства на коминтенти без нивно знаење. Да биде јасно Народна банка знае за сите овие нелегално направени трансакции, а молчи.

Почитувани читатели, жално е што морам да констатирам дека и тимот кој  работи на овој случај е ужаснат од начинот како се злоупотребувале трансакциските сметки на физички и правни лица. Не сум експерт во банкарството, ама имам доблест да знам што е со закон дозволено, а што не е дозволено да се работи.

Видовден ќе дојде брзо. По зборовите на мојот експертски тим ќе биде „вика и паника“. Отворено ги повикувам сo прст покажаните од моја страна извршители и соучесници за стечајот на Еуростандард банка слободно да покренат кривични пријави против мене.

Завршувам обраќајки се до целата јавност, организираниот криминал е меѓу нас. Злото на нашево општество е со нас. Нема да отстапам ниту милиметар од мојот пат, а на тој пат ќе се појават и лица кои ми се блиски и помалку блиски. Говорам за достоинство и владеење на правото.

Tрифун Костовски

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close