Еврокомесарката за проширување изрази загриженост поради немирите во српскиот парламент
Еврокомесарката за проширување Марта Кос денеска изрази загриженост за нарушувањето на работата и насилството во српскиот парламент вчера и повторно повика на деескалација на тензиите преку создавање услови за инклузивен дијалог со учество на сите засегнати страни.
-Многу сме загрижени поради нарушувањето на работата и насилството во српскиот парламент. Парламентот треба да биде место за демократска дебата во интерес на сите граѓани и треба да ја исполни својата улога, рече Кос.
Таа повика на „намалување на тензиите, воспоставување услови за дијалог кој ги вклучува сите засегнати страни, вклучително и политичките актери, институциите и членовите на граѓанското општество, за решавање на неопходните реформи за иднината на Србија во ЕУ“.
Во народното собрание на Србија вчера избија нереди и судири, откако пратениците од опозицијата фрлија димни бомби, при што беа повредени три пратенички. Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска побара кривична одговорност за пратениците кои ги воведоа димните бомби.